Охридското Езеро е порибено со подмладок на јагула од типот „Европска јагула“ во акција што ја спроведе денеска АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Како што информираат од ЕСМ, во Охридското Езеро биле пуштени 29.421 парче подмладок на јагула со вкупна тежина од 865 килограми, со што ќе се подобри фондот на живиот свет во езерото, како и самиот еко-систем на езерото.
Јагулата, како што соопшти ЕСМ, е набавена согласно со законските прописи, преку распишан тендер, во вредност од седум милиони денари, при што се запазени сите процедури за да се обезбеди здрав и безбеден материјал за порибување на езерото.
– Акцијата е дел од општествена одговорност на ЕСМ како компанија која користи дел од водите на езерото за производство на електрична енергија преку хидроелектраните Глобочица и Шпилје, согласно со водостопанската дозвола добиена уште во 60-тите години на минатиот век, наведуваат во соопштението и дополнуваат дека оттогаш спроевдуваат акции за порибување за одржување и збогатување на живиот свет во езерото.