Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков се вклучи во кампањата за подигање на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со Мултипла склероза, со цел да се сврти внимание на нивните потреби за квалитетен живот.
Денес, на Меѓународниот ден на МС, тој објави фотографија на која го покажува симболот на знаковниот јазик кој значи – Заедно, и јавно им даде поддршка на погодените од оваа дијагноза.
-Инспириран од симболот на знаковен јазик за зборот „заедно“, MS Heart е симбол на солидарност за сите погодени од Мултипла склероза.
Во знак на поддршка на повеќе од 1500 лица во Македонија, кои се соочуваат со оваа хронична болест со илјада лица, јас се вклучив во кампањата на Светскиот ден на МС-појаснува Пецаков.
Додава дека Мултипла склероза е хронична, прогресивна, воспалителна, дегенеративна болест на централниот нервен систем и една од најчестите причини за инвалидитет кај младата работоспособна популација.
-Симптоми на Мултипла склероза се заматен вид, двојни слики, слабост и отежнато движење, нарушување на рамнотежата и вртоглавица, проблеми со говор и голтање, когнитивни и емотивни нарушувања и многу други.
Во Република Македонија живеат повеќе од 1.500 лица со Мултипла склероза, а секоја година се дијагностицираат околу 90 – 120 нови лица.
Повеќето лица со Мултипла склероза се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 годишна возраст, односно во најпродуктивните години од животот-објави градоначалникот.
Денес, по повод Светскиот ден на Мултипла скелроза – 30-ти мај, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија организира марш за подигнување на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со Мултипла склероза и нивните специфични потреби за поквалитетен живот и социјална инклузија.
Настанот ќе започне пред Порта Македонија во 11 часот и ќе продолжи со марш по десната коловозна лента на улицата „11-ти Октомври“ во правец на Собранието до Домот „Даре Џамбаз“, а на него ќе се приклучат и лицата со параплегија и дистрофија.
Вики Клинчарова