Пендиков се врати во Охрид, ќе сведочи пред Судот за претепувањето

by Fokus

Охриѓанецот Христијан Пендиков утрово се врати во родниот град, каде што утре треба да присуствува на судењето за нападот на 19 јануари.

Бугарските медиуми утринава објавија дека секретарот на сега веќе поранешниот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, доаѓа да сведочи на утрешното рочиште во Судот во Охрид за случајот за неговото претепување. Тој не присуствуваше на претходните две рочишта од овој судски процес, поради здравствени причини.

Адвокатот на Пендиков најави дека тој ќе се појави на судско рочиште да сведочи веднаш штом ќе заврши со лекувањето во Софија.

На барање на судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, на утрешното рочиште се повикани да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци.

На последното рочиште, кое се одржа на 5 април, првообвинетиот за нападот на Пендиков, Илија Спасевски, рече дека не се чувствува виновен откако претставник на Обвинителството го прочита обвинителниот акт, според кој се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“.

Адвокатот на обвинетиот посочи дека одбраната не спори оти Пендиков критичната вечер бил повреден, но дека во доказната постапка ќе успее го убеди Судот дека нема докази за зборови од омраза, како што сака тоа да го наметне Обвинителството.

Пендиков, кој од јануари престојува во Софија, на почетокот на месецов стана бугарски државјанин.

На свечена церемонија, на која се интонираше бугарската химна, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на десети мај му ги врачи бугарски пасош, велејќи дека е горда што и покрај насилството и заканите, Пендиков останал доследен на своето потекло.

Тој тогаш се пожали дека Бугарите како него во Македонија трпат притисоци од македонските власти.

Откако беше претепан пред кафе-бар во Охрид, Пендиков со бугарски владин авион еспресно беше пренесен на лекување во Софија, а бугарските власти му обезбедија престој и лично обезбедување.

Поврзани новости