Десетици докажани пејачи и дебитанти дел од фестивалот Охрид се подготвува за еден од најреномираните музички фестивали, ,,Охридски трубадури 2019” кој ќе се одржи од 5-ти до 7-ми септември.
Ова е 26-то издание на настанот и ќе има директен пренос на МТВ, а во исто време фестивалот ќе биде емитуван и на 28 национални телевизии од регионот. Првата вечер е посветена на фолк музиката. Ќе настапат голем број на дебитанти, но и докажани музички имиња како Благица Павловска, Нино Величковски, Катерина Брезева и Соната, Петар Нечовски и други.
На втората, поп вечер, покрај дебитантите ќе настапат и Биба Додева, дуото Дац и Александар Митевски, Филип Јордановски, Јасмин Лопез, Лени и други. Третата, интернационална вечер носи 12 учесници од повеќе земји. Легендарната Маја Оџаклиевска ќе настапи во дует со Срѓан Марјановиќ, а ќе настапат и музичари од Црна Гора, Грција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Косово и Шведска.
Основач и директор на ,,Охридски трубадури” е композиторот Григор Копров. Со цел да се зачува охридската староградска песна, се случи првото фестивалско издание во далечната 1993 година и до сега од фестивалот излегоа над 2.000 песни. Фестивалската публика за прв пат го запозна Тоше Проески токму на ,,Охрид фест”, кога настапи со хитот ,,Усни на усни”.
Покрај Тоше, голем број на познати пејачи од регионот ги имаа своите музички почетоци на ,,Охридски трубадури”. Токму поради тоа, голем број на млади пејачи на фестивалот гледаат како одлична можност за свое музичко деби.
Вики Клинчарова