Охридска Банка Сосиете Женерал е прогласена за најдобра банка од Македонија за 2016 година од светски познатиот магазин Глобал Фајнанс, кој по 23-ти пат ги именуваше најдобрите банки на пазарите во развој во Централна и Источна Европа.
Уредништвото на Глобал Фајнанс, врз основа на резултатите од 2015 година и согледувањата на еминентни аналитичари од областа, како и извршни директори и банкарски консултанти, ја избра токму Охридска Банка Сосиете Женерал – Македонија за најдобра банка на пазарите во развој заедно со уште неколку банки од регионот и во уште 21 земја.
Критериумите за избор на победниците вклучуваа раст на актива, профитабилност, стратешко партнерство, корисничка услуга, конкурентност и иновативни производи.
– Успеавме да одговориме на високо поставените критериуми од страна на Глобал Фајнанс со што докажавме дека Охридска Банка Сосиете Женерал посветено, стратешки и на долг рок работи на македонскиот пазар. Во своето долгогодишно работење банката имаше значајна улога во развојот и трансаформациите на банкарскиот систем и прерасна во современа финансиска институција од универзален тип со развиен корпоративен и инвестициско банкарски сегмент, разгранета мрежа на експозитури, широко портфолио на финансиски производи и услуги, софистицирана информатичка технологија и високостручен кадар – истакнува Бранка Павловиќ, Претседател на УО на Охридска Банка Сосиете Женерал.