Охрид СОС: Ако градоначалникот на Охрид не го запре планот за градба кај ресторанот „Парк“, ќе добие кривична пријава

by Fokus

Го известуваме Константин Георгиески, градоначалникот на Охрид, дека ако сам не иницира постапка општината да усвои акт за ништовност на „правосилното“ одобрение за градба на ресторанот/дискотека „Парк“ во согласност со член 66 став (2) од Законот за градење, ние ќе поднесеме кривична пријава против него. Во согласност со закон – секако, се вели во известувањето на невладината организација Охрид СОС.

Според ова здружение градоначалникот на Охрид на 25 февруари лажно ја известил јавноста дека не може ништо да стори во однос на уривањето н одобрението за градба на локацијата кај ресторанот/дискотека „Парк“, наградуван објект кој претставува дел од охридското архитектонско наследство од ХХ век.

-Ништо помалку од отворена поддршка на криминалот не очекувавме од политичар кој досега во повеќе наврати покажа дека не е на страната на Охридскиот регион, туку е на страната на урбаната мафија.

За среќа, ние многу добро ги познаваме законите, па го прашуваме Константин Георгиески дали го има прочитано член 66 од Законот за градење. Ако не го прочитал досега, еве му шанса.

Во став (2) од член 66 се крие одговор на прашањето „Како сега јас да го поништам правосилно одобрение за градба?“ Тој вика дека не можело Планот за управување со Охридскиот регион да важи ретроградно и дрско ги прекорува новинарите и целата јавност што не го прочитале. Ова се целите на Планот:

– Контролирана крајбрежна трансформација

– Контрола врз уредувањето на плажите

– Контролирана урбанизација

– Зголемување на површините под зеленило во населбите и надвор од населените места

– Интегрирање на заштитно-конзерваторските основи во процесот на просторно и урбанистичко планирање

– Зајакнување на правната, стратегиската и институционалната рамка за управување

– Подобрување на интегритетот на доброто

А, според Акцискиот план, општината имаше обврска до 31 декември 2020 година да изврши усогласување на сите урбанистички планови во сила со Планот за управување.

Очигледно тој што треба да си го повтори Планот е Константин. Под услов воопшто и да го прочитал. Што мисли тој, дали Планот за управување беше донесен поради тоа што практиките кои тој сега се обидува да ги легитимизира беа добри или погубни за Охрид?

Му порачуваме на Константин дека времето на „слушај ме што зборувам, не гледај ме што правам“ одамна помина. Исто така помина времето на кенкање „ВМРО се криви“ за гарнитура што е веќе 4 години на власт.

Го известуваме Константин дека ако сам не иницира постапка за Општината да усвои акт за ништовност на „правосилното“ одобрение за градба на ресторанот/дискотека „Парк“ во согласност со член 66 став (2) од Законот за градење – ние ќе поднесеме кривична пријава против него. Во согласност со закон – секако.

Кога сме веќе на темата ефикасни институции, дали Министерство за култура освен што осудува најостро (што поостро не може) можеби прави и нешто што има ефект? Како на пример поднесување кривична пријава против градоначалникот на Охрид по службена должност затоа што дозволува инвеститорот да го прекршува законот и згора на тоа ја лаже јавноста во заштита на интересот на урбаната мафија загрозувајќи го притоа јавниот интерес?

Уште колку ќе чекаме од институциите да видиме акција, зашто прилично се изнагледавме празна и веќе истрошена декларација“, се вели во известувањето на Охрид СОС.

 

Поврзани новости