Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44-тата пленарна сесија што се одржува во Кина денеска донесе одлука на Северна Македонија и на Албанија да им се даде дополнителен рок да постапуваат согласно препораките на Реактивните мисии на УНЕСКО, со што Охридскиот регион не е поместен на Листата Светски културни и природни богатства во опасност.
Усвоените измени на нацрт-одлуката предложени од работната група значат бришење на одредбата што предвидуваше поместување на Охридскиот регион на листата загрозени вредности, како и корекции во дел од одлуката со прецизно дефинирани дополнителни рокови за постапување по препораките и строг надзор на активностите.
На одлуката и претходеше дополнителна тридневна расправа на Комисијата за светско наследство со комисиите на БиХ, Норвешка, Русија и на Бахреин за усогласување на спротиставените позиции по предлогот на БиХ да се даде рок од две години Северна Македонија и Албанија да ги исполнат препораките содржани во Извештаите на УНЕСКО.
Од име на македонската Влада пред Комитетот се обрати Министерот за животна средина Насер Нуредини, кој изрази благодарност што биле препознаени вложените напори и на двете држави им е одобрен дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки. Посебна благодарност тој упати до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија, но и до Австралија и Норвешка за, како што рече, конструктивните забелешки и совети.
-Драго ми ешто Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство. Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација, рече тој, повикувајќи ги сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации и субјекти да се вклучат во заштитата на регионот со очекување на позитивен извештај во иднина.