Ѓубрето во нас

by fokus

Ѓубрето не е само околу нас, тоа е пред сè во нас, затоа така и се однесуваме. Подеднакво арлаукање и плукање, подеднакво ѓубре е и во секојдневниот однос помеѓу луѓето, на социјалните мрежи и телевизиите каде што секој секого плука, каде што се дискутира без аргументи и знаење, каде што лагите се продаваат како вистина, медиокритети како новинари, а бљувотини како портали

 Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

По безмалку шест децении од катастрофалниот земјотрес, Скопје од град на солидарност стана град на кичерај. Од град на културата стана град на некултурата, од град на соживот стана град на саможивност, а граѓаните станаа малограѓани и простаци. Сето она градско и префинето однесување, сето воспитување исчезнаа како чад на ветер и го заменија невоспитаноста, простаклукот, дивјаштвото и безобразлукот.

Доволно е да прошетате околу зградите, по парковите или улиците и ќе забележите купишта отпадоци фрлени секаде, само не во кантите. Оправдувањата кои честопати се слушаат, дека нема доволно канти за отпадоци, едноставно „не држат“ затоа што тоа никому не дава за право да фрла ѓубре каде што ќе стигне, а и таму каде што има канти ѓубрето е или околу кантите или кантите се искршени.

АВАНТУРИСТИЧКИ ПОДВИГ

Слична е состојбата и со контејнерите, кои се или искршени и демолирани, а ѓубрето е насекаде околу контејнерите или зградите. Движењето од паркингот до влезот на зградата стана опасен и авантуристички потфат, кој бара многу внимание и предострожност за да одбегнете кеса со ѓубре фрлена од горните катови која сериозно може да ве повреди.

Не помалку внимание и концентрација бара и една обична прошетка, која, наместо да ве релаксира и опушти, ќе ве измори, затоа што постојано мора да внимавате каде чекорите за да не згазнете во плуканици, мрсули, мастики или кучешки измет. На крај, прошетката личи на играње „плочка“, нешто на што ќе се потсетат постарите генерации, затоа што младите се зафатени со мобилните телефони и социјалните мрежи, па некако го прескокнуваат детството и детските игри.

Изморени од таквата прошетка, каде што внимавате на секој чекор, со поглед барате клупа на која малку ќе се одморите пред да ја продолжите „авантурата“ наречена прошетка. Првата клупа на која ќе наидете е обично искршена и наместо четири греди за седење на клупата има само една здрава греда. Седнувате и балансирате да не паднете како што папагал балансира на онаа греда на која стои, но со повеќе успех.

Следната клупа на која ќе наидете е преполна со празни лименки од пиво, шишиња од вино и семки и сончоглед расфрлани насекаде. Се премислувате и не седнувате продолжувајќи накај дома со чекор како да играте „шота“.

ПРЕМИНУВАЊЕ УЛИЦА

На пат накај дома ве чека вистински предизвик наречен преминување улица. Пешачкиот премин и зелено светло за пешаци се многу опасна работа пред која не смеете да дозволите да се опуштите затоа што ниту едното, ниту другото возачите не го почитуваат.

Само што сте спуштиле нога на пешачкиот премин пролетува возило, кое се движи со стотина километри на час, ви свири и ако е отворен прозорецот на возилото, ја слушате и сочната пцовка на возачот кого сте го изнервирале што поминувате на пешачки. Некако успевате да ја поминете улицата, да ги одбегнете моторите што возат по тротоар и да се протнете помеѓу паркираните возила на трева, со внимание претрчувате до влезот, ризикувајќи кеса со ѓубре по глава и влегувате дома на сигурно и мирно место.

Само што сте помислиле дека ќе се одморите и ќе уживате во тишина и мир, проработува бушилка, која комшијата онака ударнички ја користи од 15 часот и со часови не запира. А кога тој ќе подзапре, се слуша чеканот на другиот комшија, кој го крши ѕидот и реновира дома, но по удирањето на чеканот со денови, повеќе личи на демолирање. Од тој комшија е и оној шут и прашина во влезот со кој со денови се справуваме безуспешно.

ЗВУЧЕН УДАР И ТУРБОФОЛК

Отворате врата и прозорци барем малку да ја намалите бучавата, ама од надвор ве дочекува звучен удар преточен во турбофолк од блиската кафеана. Арлаука и завива пејачот пратен со пијаното урлање на гостите, кои подеднакво музикално ја завиваат песната од типот „отишо си сарму пробо ниси“. Во пауза помеѓу две песни настапува хорот на мајки, кои урлаат по децата кои се на метар од нив, а со ист тон и интензитет и пискава фреквенција разговараат помеѓу себе.

Ѓубрето не е само околу нас, тоа е пред сè во нас, затоа така и се однесуваме. Подеднакво арлаукање и плукање, подеднакво ѓубре е и во секојдневниот однос меѓу луѓето, на социјалните мрежи и телевизиите, каде што секој секого плука, каде што се дискутира без аргументи и знаење, каде што лагите се продаваат како вистина, медиокритети како новинари, а бљувотини како портали.

Добрите навики да не станат лоши, законодавецот мора да ги скроти човечките желби, мора да им ја одземе секоја надеж дека би можеле неказнето да поминат кога ќе згрешат – Николо Макијавели.

 

 

Поврзани новости