Еколошките здруженија алармираат дека владините проекти најавени за Охридскиот регион ја уништуваат неговата вредност и предупредуваат дека веќе на почетокот на идната година, можно е Охрид да биде избришан од списокот на УНЕСКО.
Затоа, ,„Фронт 21/42” и „Еко-свест’’ поднесоа жалба пред Постојаниот комитет на Бернска конвенција во Стразбург, поради сомнежот дека планираните развојни проекти на брегот на Охридското Езеро и во Националниот парк ,,Галичица”, ќе нанесат штета на над 260 строго заштитени видови со бернската конвенција.
Екологистите предупредуваат: Пресушување на Студенчишкото Блато ќе го пресуши и езерото, а градењето ски центар на планина на кој нема снег ќе го уништи целокупниот биодиверзитет на Галичица.
Тие бараат ваквите проекти да бидат ставени под мораториум. Велат дека на земјава и бил даден рок до февруари 2017-та година да ги отстрани забелешките на Комитетот на УНЕСКО.
Инаку, за ова пред неколку месеци алармираше и УНЕСКО, посочувајќи дека големиот број инфраструктурни проекти предложени за регионот во Охрид ќе влијаат врз неговата исклучителна вредност.
На последната седница во Истанбул, Комисијата усвои одлука со која изразува загриженост за иднината на овој регион, бидејќи утврдено е дека овие проекти веројатно ќе предизвикаат значителни влијанија врз неговата универзална вредност.
Тука беше нагласена можноста, Охрид во 2017 година да избришан од листата на УНЕСКО и да се најде на Листата на светското наследство во опасност.