„Огнените“ се подалеку од Ахмети, ќе си подадат ли рака со Касами и Гаши?

Кога Ахмети замина во Хаг да сведочи за обвинетите соборци од ОВК за дејства во Косово, дел од неговите сопартијци кои сега се фронтмени на „огнената група“ ја отвориле темата за негов можен наследник, што дошло до ушите на лидерот на ДУИ, кој тоа не можел да го заборави, велат партиски извори.

by Фокус

„Огнената група“ што се издвои како фракција во ДУИ е поблиску до соработка со албанската опозиција отколку до реинтеграција во матичната владејачка партија, велат високи партиски извори.

Според информации на „Фокус“, веќе се исцрпени речиси сите обиди и можности за надминување на проблемите и недоразбирањата меѓу „огнените“ и партискиот лидер Али Ахмети.

Како што дознаваме, во својство на посредници меѓу двете раскарани страни се вклучиле и многу моќни албански бизнисмени од дијаспората блиски до „интегративците“, меѓутоа сите иницијативи завршиле безуспешно.

Официјално, „огнената група“ предводена од Изет Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта бара повлекување на првиот вицепремиер Артан Груби и други министри од редовите на ДУИ, бидејќи не ја исполниле програмата.

Иако многумина познавачи на политичките прилики се прашуваат зошто Ахмети ризикува раскол за да го заштити Груби, особено ако се знае дека лесно се ослободи од неговиот долгогодишен соработник и пријател Муса Џафери за мир во куќа, сепак, нашите соговорници велат дека Ахмети всушност се штити себе си.

Како што е познато, во 2020 година хашкиот трибунал покрена обвинение против поранешниот косовски премиер Хашим Тачи за убиства и тортура за време на војната за независност на Косово од Србија од 1998 до 1999 година.

Според обвинителството, Тачи, познат по прекарот „Змија“, е одговорен за повеќе од 100 убиства од страна на ОВК, кои се движат од егзекуции до смрт на малтретирани затвореници, додека некогашниот герилски лидер ги отфрли обвинувањата.

Покрај него, обвинети се и поранешниот портпарол на ОВК Јакуп Красниќи, најблискиот политички соработник на Тачи – Кадри Весели, како и Реџеп Селими.

Во тоа време, некои медиуми ја отворија дилемата дали е можно на листата на обвинети во Хаг да се најде и Ахмети, кој беше повикан од Специјалното обвинителство за Косово во својство на сведок како еден од основачите на ОВК, при што напиша:

„Владеењето на правото и постигнувањето на вистинска неселективна правда, домашна и меѓународна, се моја постојана цел и обврска во текот на целата моја активност. Затоа, би сакал да ве известам дека Специјалното обвинителство на Косово, како еден од основачите на УЧК и член на генералниот штаб, ме покани како сведок и без двоумење ја прифатив поканата и воспоставив конструктивен и кооперативен контакт со службените лица во Хаг“.

Тогаш, како што велат нашите извори, дел од денешните фртонтмени на „огнените“ почнале да лицитираат кој ќе биде наследник на Ахмети на лидерската позиција во ДУИ, доколку го снајде истата судбина на Тачи и другите негови соборци од ОВК.

Меѓутоа, ваквите дискусии стигнале и до Ахмети, кој бил разочаран и вознемирен кога ја примил веста дека негови сопартијци и блиски соработници го отпишале и му барале замена додека тој е во голема неизвесност.

Инаку, некои од групата на „огнените“ подолго време имаат нескриени лидерски амбиции, како на пример поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта. Такви амбиции пројавувала и долгогодишната потпретседателка Теута Арифи, која, пак, не е дел од „огнената група“.

Своевремено, Ахмети навести дека може да се повлече од лидерското место во ДУИ кога земјава ќе стане членка на НАТО, што натера многумина да ги покажат лидерските амбиции. Но, тој подоцна се предомисли и остана на челната позиција, а се најавува дека ќе се кандидира за уште еден мандат на следниот конгрес.

Откако кулиминираше внатрепартискиот конфликт во ДУИ, пак, фронтменот на „огнените“ Изет Меџити истакна дека дефакто лидер на ДУИ е Артан Груби, алудирајќи дека се прави терен во иднина тој и формално да ја презеде партијата.

Поради сето тоа, помирувањето на раководството на ДУИ предводено од Ахмети и „огнената група“ е речиси невозможно, што „огнените“ ги турка кон соработка со албанската опозиција, и покрај што најавуваат дека битката ќе продолжат да ја водат во рамки на матичната партија откако беа исклучени.

За потсетување, деновиве лидерите на Беса и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши, си подадоа рака за соработка, што е голем чекор напред кон создавање на опозициски фронт, имајќи во предвид дека Алтернатива произледе после поделбата во Беса.

Неофицијално, „огнените“ одржуваат контакти со двете опозициски партии. Имено, потпретседател на Беса е Фатмир Лимани, внук на Ахмети кој се одвои од ДУИ и се приклучи на партијата на Касами, но ги задржа добрите релации со Меџити.

Воедно, поранешниот градоначалник на Чаир има комуникација и со претставници на Алтернатива, од кои голем дел доаѓаат од Чаир и некогаш биле дел од ДУИ пред да одлучат прво да се приклучат кон Беса, а потоа да се издвојат во Алтернатива.

Упатените посочуваат дека повеќе анкети покажуваат дека „огнената група“ тежи околу 30 проценти од гласачкото тело на ДУИ, за што е свесен Ахмети, па затоа овој дефицит сака да го компезира преку соработка со Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.

Доколу „огнените“ на следните парламентарни избори настапат здружено со Беса и Алтернатива, може да постигнат уште поголем успех, што би ги довело и во ситуација да влезат во преговори за формирање на влада.

(АРХИВА) „Огнената група“ ја бара главата на Груби, но дали главната мета е Ахмети?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости