Огнен Неделковски за Тоше: Спонтано напишаната реченица ,,Нашите песни живеат”, како порака од рајот

by fokus

Денес се навршуваат 11 години од трагичната смрт на легендарниот Тоше Проески. Уште од раните утрински часови, негови пријатели, соработници, колеги, обожаватели…на социјалните мрежи споделуваат негови песни, фотографии, цитати… Сите, чии патишта некогаш се вкрстиле со неговиот, имаат да кажат по некој убав збор за талентираното момче со огромна харизма и човечност.

И помеѓу сите тие објави во кои луѓето го спомнуваат неговиот лик и дело, вниманието ни го привлекоа двете речиници кои му ги посвети популарниот текстописец Огнен Неделковски – Песните живеат, мој Тоше…Може некогаш пак ќе напишам ваков текст, ама никој нема вака да го испее – напишал Неделковски, и ја споделил песната ,,Твоите бакнежи на моите бели кошули” која Тоше ја изведува на манифестацијата Златна бубамара на популарноста во 2000-та година.

Еден од најактуелните автори на текстови кај нас, Неделковски, освен добар соработник со Проески, беше и негов близок пријател. Создаде прекрасни песни за Тоше, на кои пак тој им даде душа и останаа да се пејат и ден денес. И токму на овој ден, кога целата нација со тага си спомнува за една од најголемите музички ѕвезди кај нас, го замоливме Огнен да се присети на времињата минати со дружба и работа со Тоше.
Раскажува дека се уште му е тешко да зборува, но се согласува да каже, како што вели, колку што тагата ќе му дозволи на овој ден, кој донесе страшна трагедија.

-Многу ми е тешко да зборувам за тие времиња и за нашата соработка со Тоше. Кога го запознав веќе имаше испеано две песни, „Пушти ме“ од Горан Милошески и „Остани до крај“ од Хари Котларовски. Копров несебично ми ги даде првите два стиха од рефренот и јас го напишав текстот за „Усни на усни“, па подоцна тој ја создаде мелодијата.

Тоше ми пријде во холот на Хотелот Палас во Охрид, непосредно пред пробата на фестивалот „Охрид фест“ и само ми рече: „Јас сум Тоше. Ти благодарам за прекрасниот текст.“ И ме купи за цел живот. Знаев дека за него ќе ги напишам моите најубави стихови, знаев дека со него и јас ќе го изрезбам своето име во вечноста – се присетува Неделковски.

Додава дека за Тоше напишал 26 текстови, колку и неговите години кога загина, што за него претставувало еден вид на симболика.

-Се редеа песни, хитови, награди, успеси. Негови и мои. Заеднички. Вкупно напишав 26 текстови за него. Симболично. Колку неговите години, кога се распарчи на две, како калинка, срцето на сите на Балканот, кои растеа, љубеа и уживаа со песните на Тоше. Бев сценарист и режисер на серијата „Пет години Балкан“, во која откривме многу негови мисли и тајни. За навек. За аманет. На сите нас. Го напишав и либретото за мјузиклот „Тајно моја“, кој од срце му го посветивме, ама го стопираа и го оставија да чека подобри времиња. Набрзо, ќе магистрирам токму со ова мое либрето. Негово и мое – емотивно раскажува текстописецот.

И покрај огромната болка, тврди дека сепак е благодарен што ја имал честа да живее и создава во времето на Тоше.

-Од оваа дистанца, на овој ден, на овој страшен 16-ти октомври, кој засекогаш еднакво ќе ме боли, можам само да кажам дека сум му многу благодарен на Господ што живеев и создавав во времето на Тоше, што моите стихови беа скали по кои се качуваше кон својата блескава кариера и што имам што да им раскажувам на моите внуци – вели Неделковски.

Она кое денес спонтано го забележал, и кое го изненадило, била реченицата која се повторувала секоја година, на годишнината од смртта на Тоше, во објавите кои му ги посветил – Нашите песни живеат.
Како еден вид на порака од некој друг свет, но и утеха, дека тие заедно оставија нешто кое ќе биде бесмртно и вечно ќе трае.

-Утрово, со солзи во очите, прелистав по моите Фејсбук спомени за овој ден и открив дека речиси секоја година, како рефрен, се повторува реченицата: „Нашите песни живеат.“ Се надевам дека уште многу парови ќе се вљубат танцувајќи на песните на Тоше и дека уште многу деца ќе бидат создадени како плодови на таа љубов, која Тој, најголемиот, и ние малечките автори, ја посеавме на почетокот на 21-от век – порача авторот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости