Државниот архив пред неколку дена објави јавни огласи за вработување на над 30 административни службеници. На едниот оглас се вработуваат 27 државни службеници, а на вториот оглас се вработуваат петмина службеници.
И двата огласи се објавени на 21 мај, а се бараат кадри и за во Одделенијата во Скопје, Битола, Припел, Охрид, Куманово. Се бараат архивари, преведувачи, сметководители, лектори…
Огласот за вработување на точно 32 лица беше објавен на социјалните мрежи со критика: „На администрација од 130.000 лица во услови на страшна економска криза и најавен заем од 900 милиони евра објавен е конкурс за вработување на нови 31 адинистративец во Државен архив на Македонија. Британија отпушта администрација ние вработуваме“.
Директорот на Државниот архив, Емил Крстески за „Фокус“ вели дека е изненаден од критиката во јавноста поради овие 32 вработувања со оглед на тоашто таму немало вработување на неопределено време повеќе од десет години.
-И можеби што е уште поважно, во последниве две-три години се пензионирани околу 30-тина вработени (повеќето историчари), а со новиот Закон за работни односи, од 1 јули во пензија ќе заминат уште 20-тина вработени (историчари и стручни лица).
Државниот архив, како управна Владина институција, е еден од главните столбови на нашиот севкупен идентитет и треба да се води грижа за нејзиното нормално функционирање. Во тие рамки е и кадровската политика, поточно професионалниот приод спрема оваа проблематика и стимулирање и вработување на кадри со завршена историја и архивистика, што се помалку ги има, а врз кои треба да се потпре Државниот архив во иднина, вели Крстески.
Тој додава дека Архивот во последниве три години презема многу активности за популаризирање на историјата и архивистиката, особено меѓу младите, токму заради обучување на кадри од таа област кои се дефицитарни и кои и се неопходни на нашата држава заради заштита и развој на нашата историја, култура и традиција.
-Се надевам дека правилно ќе ме разберете и дека овој оглас за вработување е неопходен за Државниот архив, па, би рекол, дури и задоцнет, вели Крстески.
Ф.Ф.С.