Офшор компанија од Кипар добила лиценца за медицинска марихуана неколку дена пред да се формира техничката влада

by Фокус

Во последните денови од функционирањето, поранешната влада предводена од Зоран Заев издала одобрение за работа на неколку компании за одгледување на марихуана за медицински цели, што се случува во период кога постојано се пролонгира усвојувањето на новиот закон за опојни дроги во парламентот, кој треба да овозможи извоз не само на екстрактот од канабис, туку и на сувиот цвет.

Според податоци објавени во Службен весник, на владина седница оддржана на крајот на изминатава 2019 година, со потпис на веќе поранешниот премиер Заев, кој пред една недела се повлече поради формирање на техничката влада за спроведување на изборите, две компании добиле согласност за одгледување на канабис за медицински цели.

Една од нив е компанијата Њу Гарден Фарма од Скопје, која, според податоците од Централниот регистар, е основана на крајот на 2018 година, при што како основач се јавува друга компанија со седиште во офшор зоната Кипар – Њу Гарден Фарма Лимитед.

Притоа, како управител на компанијата фигурира Билјана Кироска, додека во графата за контакт оставена е адреса со руски домен, која го содржи името Константин Блинковски.

Воедно, на истата владина седница одобрение добила и компанијата Ендо Кана од Старо Нагоричане, која е основана во март годинава со основачки влог од над 16 милиони денари, а како сопственици се јавуваат повеќе физички лица.

Тековната состојба на друштвото покажува дека сопственици на оваа компанија се српскиот државјанин Владимир Карапанџиќ, како и Зоран Насковски, Зоран Тодоровски, Јован Мариќ и Костадин Дуковски, кој воедно е управител на компанијата.

Инаку, Дуковски е претседател на Здружението на производители на медицински канабис Макканабис, кој во името на компаниите што делуваат во овој сектор периодов бара итно донесување на новиот закон што го регулира процесот на производство на медицински канабис и пропишува процедура за лиценцирање на компаниите.

Во истиот период, односно минатиот месец декември, согласност од владата за одгледување на медицинска марихуана добиле и Греен Медикал од Прилеп, Лифе Плант од Струмица, ЦБД Медлплант од Ново Село, Канбио Медикал од Скопје, додека една компанија ја загуби лиценцата – Т.Х.Ц. Кулаити Груп.

На тој начин, овие компании стекнале лиценци според се уште постоечкиот закон, кој треба да биде заменет со нов закон, според кој Министерството за здравство повторно ќе има битна улога во процесот на издавање на одобренија и контрола врз компаниите, но истовремено надлежност им се доделува и на многу други институции, а се предвидува и формирање на нова агенција.

В.С.

Поврзани новости