Битката против депонијата во Неготино само што почна, ќе излезат ли 8.000 граѓани да кажат -Не за индустриски отпад?

by fokus

Иницијативата за референдум против проектот депонија за индустриски инертен отпад во Неготино ја надмина бројката од 3.200 потписи потребни за распишување на референдумот. Истата беше покрената од здружението на граѓани Ековита кои информираат дека собирањето на потписи успешно заврши и 3.323 граѓани се потпишале во рок од 14 работни дена, по што следниот чекор е Советот на Општина Неготино да донесе одлука за референдум.

Тоа што потписите се собираа на третиот кат во општинската зграда, која е објект без лифт, не ги поколеба граѓаните да излезат и да го дадат својот потпис. И покрај тоа што Мрежата за заштита од дискриминација реагираше на физичката непристапност со која се соочија лица со попреченост и потешкотии во движењето и од таму се упати јавен апел до Општина Неготино да овозможи еднакви услови за сите граѓани, се апелираше и до Народниот правобранител да реагира итно, се до последниот ден, собирањето на потписите се одвиваше на третиот кат.

Уште пред десеттина дена, и Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност, порача локалната самоуправа да поработи на случајот и да се адаптира простор на приземје, каде секој граѓанин ќе може да си го оствари своето право на глас. И неговата порака беше напразна.

Сепак, и непристапноста на општинската зграда која за многу луѓе значи прекршување на уставното право на глас и ускратување на можноста за граѓанско учество во донесувањето на одлуки, не беше пречка за 3.323 граѓани да кажат Не за депонијата.

И покрај тоа што градоначалникот Тони Делков во видео обраќање им порача на сограѓаните дека тој и советниците на СДСМ и коалицијата, заедно со дел од администрацијата го слушнале гласот на народот и депонија нема да се гради, сепак, од приложеното решение се гледа дека постапката е запрена поради негативно мислење на Државното правобранителство.

Според правобранителството, негативно мислење е дадено бидејќи огласот за продажба не соодветствувал со одлуката на Владата, и не бил испочитуван Членот 75 од Законот за градежно земјиште. Но, тоа не значи крај на проектот депонија, туку напротив, во решението има поука за жалба во рок од 15 дена до Министерството за транспорт и врски.

Од компанијата П&П која која била единствен понудувач и со која била завршена продажбата на државното земјиште по цена од 500.000 евра, најавија дека ќе го обжалат решението.

Дека случајот со депонијата не е завршен и собирањето на 3.200 потписи потребни за распишување на референдум е само почеток на битката за здравјето на граѓаните и животната средина, потврдуваат и од Ековита, а неготинчани се тие кои ќе треба со собирање на 8.000 потписи на референдум да се изборат против депонијата.

Инаку, според Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, нарачана по барање на компанијата П&П, депонијата дневно е предвидено да прима 1.442 кубни метри отпад. Станува збор за отпад од рафинирање на нафта, пречистување природен гас и пиролиза на јаглен, отпад од органски и неоргански хемиски процеси, отпад од термички процеси, отпад од масла и течни горива, искористени гуми и друго.

Самата листа на отпад кој би се носел на депонијата, за неготинчани кои ја прочитале студијата, посебно за еколозите, звучи застрашувачки.

Дополнително, кај граѓаните владее страв дека ќе се носи отпад од странство, чие складирање е забрането со закон, но сепак според законските регулативи, дозволен е увоз на отпад наменет за преработка.

-Да победи разумот и да се излезе на референдум– апелираат од Ековита.
Вики Клинчарова

Поврзани новости