На средината на 2012 година, ВМРО-ДПМНЕ склучи партнерство со скопската градежна компанија „Бетон“ , која на местото на „жолтата куќа“ ја изгради денешната „бела палата“, каде денес е сместена централата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во рамки на истиот објект, скопската градежна компанија поврзана со бизнисменот Минчо Јорданов почна да гради и деловно-хотелски комплекс, кој никогаш не беше завршен и денес стои во фаза на карабина.
Очигледно, компанијата не ни планира да го доврши хотелот, со оглед дека тој е еден од трите хотели во сопственост на „Бетон“ што друштвото ги става на продажба.
Имено, скопски „Бетон“ за следниот месец закажа вонредно Собрание на акционери, на чиј дневен ред, според известувањето доставено до Македонска берза, се предлага продажба на недоградениот хотел во Скопје и уште два други.
Исто така, се предлага одобрување на одлука за продажба и на хотелите на „Бетон“ во Охрид и во Стар Дојран, со таа разлика што за хотелите во Скопје и Охрид се работи за одлука за продажба, додека за хотелот во Стар Дојран се предлага склучување на зделка со заинтересирана страна.
Тоа значи дека веќе е постигнат договор, а, според официјалните податоци објавени од Берза, станува збор за договор тежок 1,3 милиони евра со компанијата „Репро 21“.
Како што неодамна пишуваше Фокус, „Репро 21“ е друштво во сопственост на најголемиот акционер во АД „Бетон“ – „Репро Оне Лимитед“, офшор-компанија основана во 1999 година со седиште во Британските Девствени Острови.
По донесувањето на законските измени кои им наложија на сите компании во сопственост на странски компании да пријават физичко лице како вистински сопственик, токму Јорданов се пријави како вистински сопственик на „Репро Оне Лимитед“.
Оттука, тој е сопственик и на „Репро 21“, која, како што објавивме, во земјава веќе поседува станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми во вкупна површина од над 17 илјади квадратни метри.
Притоа, се издвојува огромниот плац со површина од дури 12.141 квадрати во скопска Железара, чија намена, засега, е шуми.
Инаку, информациите од Централниот депозитар за хартии од вредност покажуваат дека „Репро Оне Лимитед“ е еден од трите поголеми акционери во „Бетон-Скопје“, заедно со уште две офшор компании – „Ароуцрест Лимитед“ и „Волес Трејдинг Корп“.
Воедно, „Репро Оне Лимитед“ поседува акции во „Факом“ и во други акционерски друштва, а порано била поголем акционер и во „Макстил“, која моментално е во доминантна сопственост на кинеската „Дуферко“.
Влатко Стојановски