По повеќе од две децении од нејзиното формирање со седиште во Британските девствени острови, бизнисменот и поранешен вицепремиер Минчо Јорданов се запиша како единствен сопственик на „Репро Оне Лимитед“, која во земјава поседува акции и уддели во повеќе компании, пишува најновиот број на весникот Фокус.
Според документацијата со која располагаме, оваа офшор компанија е основана во октомври 1999 година според Законот за меѓународни трговски друштва на Британските девствени острови. Првично, друштвото било застапувано од Шона Луис Вајт, која веднаш го ополномоштила Јорданов да биде „вистински и законски застапник“ на компанијата.
Откако 22 години подоцна во земјава стапија на сила законските одредби што налагаат сите фирми во сопственост на странски друштва да пријават физичко лице како краен сопственик во посебен регистар, тој се пријавува како стопроцентен сопственик на сите домашни правни лица во сопственост на „Репро Оне Лимитед“ од БДИ, откриваат тековните состојби за вистински сопственици што ги поседуваме.
Инаку, официјалните податоци покажуваат дека оваа компанија поседува акции во „Факом“ и воедно е еден од трите поголеми акционери во „Бетон-Скопје“, заедно со уште две офшор компании – „Ароуцрест Лимитед“ и „Волес Трејдинг Корп“. Порано, „Репро Оне Лимитед“ била поголем акционер и во „Макстил“, која моментално е во доминантна сопственост на кинеската „Дуферко“.
Исто така, офшор-фирмата од БДИ поседува уддели во повеќе домашни друштва, вклучително и во „Репро 21“, која, пак, според информации од Катастарот на недвижности, поседува станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми во вкупна површина од над 17 илјади квадратни метри. Притоа, се издвојува огромниот плац со површина од дури 12.141 квадрати во скопска Железара, чија намена, засега, е шуми.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски