Офшор-банкарите ги отвориле вратите и за нацистите во Втората светска војна

Иако ни Леонардо ди Каприо ни „Волкот од Волстрит“ не ќарија Оскар, сепак филмот е еден од позабавните во последниве години иако трае неверојатни три часа. За оние ретките што не чуле за „Волкот“ или не го гледале само да кажеме дека станува збор за филмувана и (троа отповеќе) зашеќерена вистинска приказна за брокерот од њујоршки Бронкс, Џордан Белфорд чиј лик, нормално, го глуми некрунисаниот актерски крал на денешницата.

Белфорд е всушност стереотип за Волстрит-брокер кој ја изгубил главата од големото богатство, луксузните ферариња и јахти, лесните и убави жени и од белото проклетство – кокаинот!

Некаде на половина од приказната Белфорд сфаќа дека е на мета на даночните власти во Америка, беља која во САД е рамна на тоа да си осомничен за убиство од небрежност (отприлика). И кога младиот брокер на стероиди открива оти Чичко Сем му дише зад вратот, првата работа што ќе му падне на памет е да го сокрие црниот кеш во Швајцарија.

Интересно е дека парите преку Алпите ќе ги пренесе сопругата на еден од неговите соработници, по потекло од Словенија или просто кажано една Балканка. Има таму и една сцена во која швајцарскиот банкар го убедува Белфорд (ди Каприо) дека доларчињата во неговата банка се заштитени од лакомите американски даночници.

Филмот до детали ги портретира тајкуните кои преку ноќ зграбуваат огромно богатство ама и докумeнтира дел од стратегијата како ги кријат парите во таканаречените офшор- дестинации или поинаку кажано – даночни оази кои во последниве неколку месеци станаа доста популарни во Македонија.

Со оглед дека можеме повторно, по кој знае кој пат, да предизвикаме душевни болки на одредени структури во државичкава ни наша, сега нема да се задржиме околу деталите, ами само ќе потсетиме дека една од „македонските“ офшор- приказни почнува и завршува во Лугано, италијанскиот даночен рај во Швајцарија.

Не знаеме дали нашите моќници ги лепат туцињата пари за телата од нивните секси-пријателки, како во „Волкот од Волстрит“ ама речиси сигурно е дека Швајцарија и Лугано не се одбрани случајно. Како што вели поговорката, секое зошто си има свое затоа!

Леонардо ди Каприо во филмот „Волкот од Вол Стрит“

„МОЈ ЈЕ ЖИВОТ ШВИЦАРСКА“

Пред да ги спакуваме куферите и да „одлетаме“ за Швајцарија прво ќе се задржиме на дефиницијата за тоа што е офшор- зона или даночна оаза. И веднаш да ви кажеме оти такво нешто нема, односно многу е тешко да се дефинира што е тоа даночен рај.

Кога ќе ја слушнете кованицата од рај и од данок, првата помисла е дека тоа е „затуцано“ островче во Пацификот со две-три палми каде корумпираните бизнисмени и политичари ги кријат парите и од време на време навратуваат на коктел во кокосов орев облечени во бермуди и во кошули-хавајки ала Ник Слотер.

Иако постојат и вакви „такс-оази“, многу од земјите кои го носат овој епитет се далеку од тропски одморалишта.

Замислете, офшор-дестинација е и малата сојузна американска држава Делавер, тукушто спомнатата Швајцарија и, верувале или не, градот Лондон. Пред неколку години дури и Белгија се наоѓаше на некои од специјализираните листи, па дури и Ирска!

За да прејдеме на главното само треба да кажеме дека во суштина даночните оази се „корисни“ од најмалку две причини. Нудат дискреција за газдите на банкарските сметки и плус бизнисите ги оданочуваат со многу ниски стапки. Некои се повеќе познати по дискретноста, други по ниските даноци а трети пак прават одлична комбинација од двата предуслови да се биде прогласен за рај.

Токму затоа овие места се честите дестинации за најразличните криминалци, диктатори и непринципиелни богаташи, иако (поради зачестените душевни болки) мораме да напоменеме и да се оградиме дека сите пари што „лежат на тропското сонце“ не се црни, ниту пак сите поцрнуваат.

Швајцарија често се опишува како дедото на рајскиот бизнис. Оваа земја почнала да го гради офшор-имиџот уште во 18. век кога во 1713 година властите во Женева им забраниле на банкарите да ги откриваат деталите за нивните клиенти. Целата фрка околу тајноста настанала бидејќи првите големи клиенти на алпските банки биле француски кралеви кои како католици не сакале нивните граѓани да знаат дека соработуваат со „расколничките“ протестантски финансиери.

Меѓутоа со текот на времето дискретното банкарство послужило во многу различни цели, а посебно расцутело откако на Виенскиот конгрес во 1815 година била формализирана политичката неутралност на Швајцарија. Сто години подоцна, во 1910 година една швајцарска банка толку се опуштила што во Франција на големо ја рекламирала својата дискреција и му предизвикала сериозни проблеми на тогашниот министер за економија.

Интересно е дека за време на првата светска војна, многу од државите ги зголемиле даноците за да ги покријат воените трошоци и најголем дел од европските тајкуни мислеле повеќе за своите пари отколку за одбрана на својата земја и затоа ги однеле парите на Алпите. Француските „патриоти“ ја преферирале Женева, Германците оделе во Цирих и во Базел додека Лугано бил даночна мека за Италијанците.

Работите отишле до таму што во 1934 година донесен е закон со кој се криминализира оддавањето информација за банкарските сметки, но иако Швајцарците често се вадат дека тоа го направиле со цел да ги сокријат парите на германските Евреи, вистината е сосема спротивна. И покрај тоа што најголем дел од Швајцарците биле против нацистите, тамошните банкари немале ништо против да соработуваат со хитлеровци. Без приговор го вдомиле пленот на нацистите во кој меѓудругото биле и златните шипки направени од украсните заби на убиените Евреи!

locations_in_offshore_tax_jurisdictions_large

Офшор мапа на светот

ОФ ЛОНДОН, ШОР АМЕРИКА

Фала на прашање и денес Швајцарија важи за даночна оаза и во неа е стационирана третина од целото офшор- богатство кое се проценува на две билијарди долари (2.000 милијарди долари).

Сепак, поради директниот притисок на американските власти врз банкарите (неколку тужби како онаа врз „Маѓар телеком“) САД и уште неколку големи и моќни држави успеале да имаат привилегирана позиција во Швајцарија и пристап до банкарските досиеја, меѓутоа истиот аршин не важи за останатите.

Затоа Швајцарија во 21. век води таканаречена зебра-стратегија. Од САД и од другите моќници ги прима (по)белите пари, а од земјите во развој (меѓу кои и Македонија) и од оние сиромашните ги собира црните и нормално гарантира дискреција!

Иако на прва топка како офшор- дестинации ви текнуваат Британските девствени острови, Белизе, Панама, Холандските антили или можеби островот меѓу Франција и Англија, Џерси сепак едни од поголемите даночни раеви се наоѓаат на западната географска и политичка хемисфера.

Кој би рекол дека според официјалните офшор- рангирања за 2009 година најдобро место за да ги намалите вашите даноци била американската сојузна државичка Делавер.

Имено, во најголемиот град Вилингтон постои зграда, двокатница со жолта фасадна цигла која е прочуена во светот како седиште на повеќе од 200.000 фирми. Дури и гиганти како Кока-кола и Гугл имаат таму свои подружници (односно само поштенско сандаче) и дел од бизнисите ги водат преку овие адреси со што си ги намалуваат издатоците кон САД.

2014-03-25-232519_1024x600_scrot

Зградата во Делавер, дом на 200.000 офшор-фирми

А доколку деновиве решите да отворите фирма во жолтата зграда во Делавер локалците ќе ви понудат и таканаречена „остарена компанија“, правно лице кое наводно е формирано многу одамна со што вие како нејзин сопственик треба да изгледате посериозно и помалку сомнително!

Во меѓународните офшор- води се почесто се спомнува Сингапур како земја која ќе и го преземе статусот на Швајцарија, но најинтересно е дека според многумина дури и градот Лондон, односно неговиот финансиски центар се смета за своевидна даночна оаза. Не е тајна дека најпрочуените островски офшор- дестинации ја признаваат британската кралица, меѓутоа ретко кој досега зборувал дека престолнината е на некој начин влада сама за себе во рамките на Обединетото кралство и таму финансиските прилики се различни од остатокот на Островот.

Вредно е да се спомене дека фирмата со која Субрата Рој настапи во Македонија има газда кој е лоциран токму во Лондон, а индискиот бизнисмен откако се соочи со купишта проблеми од официјален Мумбаи добар дел од парите ги инвестираше во лондонски хотел. А индиските медиуми пак пишуваа дека кешот го извадил преку офшор-фирмите во Маурициус, даночна оаза во срцето на Индискиот океан.

Британија си има богата историја со даночните раеви, впрочем човекот кој важеше за прв финансиер на Ториевците, на партијата на Дејвид Камерун, лордот Мајкл Ашкрофт е многу битна фигура во карипската држава Белизе каде и се родил. Интересно е што во Македонија имаме најмалку две фирми од Белизе, за кои ете досега никој не се погрижил да открие чии се!

А кога ги споменуваме Британија и нејзините офшор- сателити редно е да се потсетиме дека како газди на компанијата која ги грее скопјани „Балкан енерџи груп“ се јавува една фирма од Кипар, а другата од островот во Ламанш, Џерси.

Како сопственици на „Балкан енерџи груп“ се водат фирмите „Кардикор инвестментс лимитед“ од Кипар и „Битар холдинг лимитед“ од островот во морскиот канал меѓу Велика Британија и Франција.

КОЛКУ ОФШОР- ЗЕМЈИТЕ ЈА ЧИНЕА МАКЕДОНИЈА?

Опозицискиот портпарол Петре Шилегов прашуваше дали некој од Македонија преку шемата со офшор- фирми извлекол милијарда евра, а повеќе податоци за тоа колку пари се испумпуваат од Македонија понуди и минатогодишниот извештај на меѓународната организација „Глобал Фајненшл Интегрити”.

Според нив вкупно 4,6 милијарди американски долари од 2001 до 2010 година се одлеале преку нелегални трансакции надвор од Македонија.

Авторите на извештајот тврдат дека најголем дел од парите или три милијарди долари се одлеале во 2007, 2008, 2009 и 2010, односно последните четири години опфатени од истражувањето.

Кешот преку нелегални канали од Македонија биле испумпувани во земјите како Маршалски и Сејшелски острови, Панама, Кипар, Винсент и Гренадин и во Швајцарија.

Иако не сакаме да ви го расипеме задоволството во гледањето на „Волкот од Волстрит“ сепак треба да кажеме дека главниот јунак на крајот од филмот сепак ќе мора да и се покори на правдата, иако приказната за Џордан Белфорд по неколку години сепак завршува среќно.

Како и дали ќе завршат нашите офшор- приказни од неколку милијарди долари останува да видиме. Кој знае, можеби некој и за нив ќе напише холивудско сценарио!

Гвинеја
ОФШОРОТ Е КОБЕН ЗА АФРИКА

2011_EquatorialGuinea_street

Во Екваторијална Гвинеја три четвртини од луѓето живеат под границата на сиромаштијата.

Познато е дека вредноста на парите кои африканските диктатори ги испумпуваат од своите земји, експлоатирајќи нафтени полиња и дијаманти, е десет пати поголема од помошта која ја добива најсиромашниот континент од меѓународната заедница.

Најсликовит пример е средноафриканската држава Екваторијална Гвинеја каде власта ја држи фамилијата Обијанг. Тие од 1996 година експлоатираат нафта на својата територија и иако при крајот на деведесеттите важеле за една од најбрзорастечките економии во свет, сепак таму три четвртини од луѓето живеат под границата на сиромаштијата.

Имено, само едниот син од фамилијата Обијанг испумпал 100 милиони долари во САД каде купувал автомобили, јахти и имот од 35 милиони долари во ексклузивниот Малибу роуд.

Поврзани новости