ВМРО-ДПМНЕ бара уставно да се дефинира ќотекот за снаите!

by lali 19:42
19:42

Согласно традиционалните вредности, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе бара ќотекот за снаите да влезе во Уставот, дознаваме од истепани извори во партијата.

Според брифингот овој потег ќе биде само една од низата реформи за враќање кон традиционалното македонско семејство во кое се знаеле местото и улогата на жената, идила што се срушила со појавувањето на „таму некои си женски права“, како што би се изразил премиерот Груевски.

- Advertising -

Покрај ќотекот како уставна категорија, со закон ќе се вратат обврските снаите да ги мијат нозете на свекорот во леген и невестите да се казнуваат ако на родителите на сопругот не им се обраќаат со „мамо“ и со „тате“!

Снаите без чеиз исто така ќе се казнуваат, односно нема да доручкуваат во новиот дом најмалку две години, а најмногу до кога не се сожалат свекрвата, золвата и комшиката едногласно.

Дополнително, дознаваме дека едно крило во владејачката партија форсира и донесување на Закон против улогата на домазет.

Како промотори на оваа идеја се спомнуваат пратениците Антонио Милошоски и Силвана Бонева, која промовирајќи ја замислата на еден од партиските состаноци тропнала на маса и емотивно се отворила:

– Ја за џабе не купваф два стана уф Скопје, за двете мои синчиња – на убаво место каде „Димче Мирчев“. Срам ме е да не станат домазетовци, брука да ме изеде по Струмица на улица – се расплакала Бонева и нејзината тага најмногу го погодила Милошоски кој веднаш се пријавил како потписник на евентуалното законско решение.

За крај само да кажаме дека, според нашите претепани извори, уставното дефинирање на ќотекот за снаите станало проект на ВМРО-ДПМНЕ откако некој од видните партиски членови ја чул идејата на телевизија (види видео). Во идниот „Отчет“ на ВМРО-ДПМНЕ оваа реформа ќе стои во графата „Неветено ама истепано“!


Disklejmer

Поврзани новости