Од утре полицискиот час наместо од 16 часот, ќе почнува од 19 часот и ќе трае до 5 часот наутро во работните денови, а за викенди ќе трае од 15 попладне до понеделник до пет часот, објави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
-Штотуку донесовме важни одлуки на седница на Влада. Почнувајќи од утре, четврток, 23 април, се намалуваат рестрикциите на движењето. Секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 05 часот наутро. За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05 часот наутро до 12 на пладне. Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот, напиша Спасовски на Фејсбук профилот,
Се намалува, додава тој, и ограничувањето на движење за време на викендите.
-Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05 часот наутро до 11 часот наутро. Во сабота, младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот, објаснува Спасовски.