Офицерот на Армијата на мисија во Африка кој се очекува да биде пренесен со медицинска евакуација вечер во Скопје, според доставената медицинска документација, е ковид позитивен и е стабилен.
Од Министерството за здравство изјавија дека откако ќе пристигне пациентот ќе биде изолиран на Инфективната клиника и ќе се изврши секвенционирање на примерок.
-Пациентот се уште не е пристигнат во нашата земја, според медицинската документација доставен до КИБФС, пациентот е стабилен и е ковид позитивен. Истиот на Инфективната клиника ќе биде изолиран и ќе се изврши секвенционирање на примерок. Пациентот ќе се третира согласно болничките протоколи за лекување на ковид пациенти, изјавија за МИА од Министерството за здравство.
Претходно, министерката за одбрана Радмила Шекеринска потврди дека офицер на Армијата на Северна Македонија кој учествува во Мисијата на ЕУ во Централно – Африканската Република (ЦАР) вечер треба да пристигне во Скопје со медицинска евакуација.
-Еден од нашите припадници на Армијата, потполковник кој учествува во европската мисија во Централно – Африканската Република, минатата недела беше тестиран за позитивен на коронавирусот, и бидејќи состојбата не беше доживеана од страна на медицинските експерти како целосно под контрола, по препорака на медицинските експерти во рамки на ЕУ мисијата, тој ќе биде со медицинска евакуација донесен дома, во Скопје, претпоставувам доцна вечерта. Оваа медицинска евакуција ја направивме во соработка со европските служби за надворешни односи, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со министерот за одбарна на Чешката Република Метнар.