Одрон „затвори“ патека во Штип: Карпите ќе се чистат рачно

by fokus

Низ поголем дел од Македонија изминатиот период обилните врнежи направија сериозни проблеми и одрони на патиштата, попречувајќи го сообраќајот да се одвива нормално.

Источниот регион кај Штип и Ново Село беше еден од најпогодените, а одрон ја затворил пешачката патека покрај реката Брегалница во Штип.

Од општината не информираа дека, поради тоа што во близина има археолошки наоѓалишта, одронот ќе мора да се исчисти рачно.

„Пешачката патека крај Брегалница во тој оптег е затворена за пешаци и општината презеде итни и неодложни чекори за отстранување на ризикот од дополнителна штета и опасност за човечките животи.

 

Веднаш се стапи кон консултации со специјализирани компании и тим од инженери, кои после разгледување на целокупниот проблем, констатираа дека е потребно одронот да се отстрани рачно, поради тоа што се наоѓа во област каде има археолошки наоѓалишта. 

 

Освен тоа, ќе се преземат мерки за опасноста од понатамошни одрони, кои предвидуваат механичко или рачно решавање на проблемот, после кои пешачката патека ќе биде отворена за слободно движење на граѓаните на Општина Штип“, соопштија од кабинетот на градоначалникот Иван Јорданов.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости