Општина Штип ги прифати одобрените средства од Министерството за култура за музичкиот фестивал „Макфест 2024“ кои изнесуваат 1.020.000 денари, но сепак, таа сума не е доволна за да се организира и одржи настанот на едно ниво кое доликува на манифестација од ваков калибар. Станува збор за еден од најреномираните фестивали во земјава, кој ќе го има 39-то издание, и реално, потребна е сума од околу 100.000 евра – за „Фокус“ појаснува штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
Претходните години на конкурсот за поддршка на настани од културата, министерството одвојуваше сума од околу шест илјади евра за „Макфест“ која општината ја одбиваше.
Како што појаснува Јорданов, во минатото се случувало од страна на министерството за фестивалот да се одвојуваат суми од два милиони денари, па дури имало и години кога се доделиле и околу пет милиони денари.
– Откако јас дојдов на функцијата градоначалник на Општина Штип, сумата за поддршка на фестивалот падна на 399.999 денари. Општината заедно со спонзори успеваше да обезбеди 100.000 евра, средства со кои може да се очекува настанот да помине како што треба. И оваа година повторно ќе се одвојат средства од општината, како и помош од спонзори, бидејќи она кое го додели министерството е само една петтина од потребниот износ. `Макфест` е значаен настан за Општина Штип, како и за целата земја, затоа даваме се од себе да биде организиран професионално- вели градоначалникот.
Во последниве неколку години фестивалот се претстави во едно модернизирано издание, во чекор со новите сценски трендови. Има промена и во делот околу наградите, односно нема награди како во минатото, но затоа пак е зголемен износот на финансиски средства кои општината ги давала за откуп на композицијата со цел да се добие подобар квалитет на музичките композиции.
На сцената се појавуваат нови музички имиња, но застапени се и веќе докажани пејачи на забавна музика.
Вики Клинчарова