Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска го поздрави одмаздничкиот напад на Иран врз Израел пред речиси една недела, но не ги спомна експлозиите кои утрово се слушнаа во централниот регион на неговата земја.
Раиси им рече на стотици луѓе во провинцијата Семнан, источно од Техеран, дека одмаздничкиот напад на Иран врз Израел го покажа, како што рече, авторитетот, челичната волја и единството на иранскиот народ.
Тој не ги спомна експлозиите што се случија рано утринава во централната провинција Исфахан, а немаше официјална реакција ниту од ирански, ниту од израелски официјални лица, објави „Тајмс оф Израел“.
Неименуван ирански функционер претходно денеска, по извештаите на светските медиуми дека Израел извршил напад на иранска територија и дека одекнале експлозии во иранскиот град Исфахан, изјави дека не е потврдено дека инцидентот бил предизвикан од странство.
„Не идентификувавме никаков надворешен напад, а истрагата повеќе се стреми кон некој што се инфилтрира, наместо кон напад што дојде надвор од земјата“, рече официјалниот претставник, пренесе Ројтерс.
Тој изјави дека Иран нема непосредни планови да му се одмазди на Израел.
Американски функционер претходно изјави за Си-Ен-Ен дека Израел го нападнал иранскиот град Исфахан како одмазда за иранскиот напад врз Израел на 13 април, а иранските медиуми објавија дека три беспилотни летала биле соборени над Исфахан.