Се одложува рочиштето во процесот на Али Ахмети и Муса Џафери против Слободан Богоески, поранешен разузнавач поради тоа што шефот на тајната полиција не доставил одговор на тужба, а рокот уште течел. Судењето е одложено за 27 јануари. Во судницата не се појави Али Ахмети , ниту Муса Џафери, но нивното присуство не е задолжително.
Богоески е обвинет за клевета поради неговото сведоштво за случувањата со „Маѓар телеком“.
Изјавата што ја даде Богоески пред американската Комисија за хартии од вредност, како и пред окружниот суд во Њујорк во Македонија стана актуелна откако американскиот суд ја објави на својата интернет-страница, а македонските медиуми речиси интегрално ја пренесоа.
„Таа изјава е дадена во судска постапка. За истата изјава Ахмети и Џафери ме тужат пред граѓански суд за граѓанска одговорност дека сум ги наклеветил “, изјави неодамна на Телма, Богоески.
Според сведочењето на Богоески за Њујоршкиот суд, вкупно 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари, експремиер Владо Бучковски, Ахмети и Муса Џафери.
Како отштета во овие процеси Ахмети бара 3 милиони евра, а Џафери 2,5 милиони евра.