Ахмети бара 3 милиони денари, а Џафери половина милион помалку, од Богоевски

by fokus

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од екс директорот на ДБК Слободан Богоев, бара 3 милиони денари отштета, а неговиот близок соработник Муса Џафери, половина милион помалку, бидејќи се почуствувале навредени и наклеветени од изјавата на Богоевски дадена за Њујоршкиот суд, за случајот „Маѓар телеком“.

Богоевски во својот исказ пред судот изстакнал  дека 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари – тогашниот премиер Владо Бучковски и Али Ахмети и Муса Џафери од ДУИ.

Денеска во Основниот суд Скопје 2 се одржаа две подготвителни рочишта, во кои како тужители се јавуваат Ахмети и Џафери, но се одложија бидејќи на Богоевски се уште му течел рокот за одговор на тужбата. Во судот не се појавија тужителите, но нивното присуство и не е задолжително. Во судница беа двајца адвокати од адвокатската канцеларија Поленак.

Ахмети и Џафери со тужбата не доставиле психијатриски вештачења кои би ја покажала нивната душевна болка, но не се исклучува можноста дека ќе ги достават заедно со останатите докази.

Богоевски, по одложувањето на рочиштето истакна дека тужбите за клевета се неосновани, бидејќи никој не може да одговара за исказ што го дал пред надлежен суд.

Неговиот адвокат Валентин Зафировски рече дека ова подготвително рочиште е закажно заради актуелната политичка ситуација. Тужбата била поднесена уше на 10 декември минатата година, кога Богоески бил во затвор, а била доставена дури сега.

Богоевски со оваа афера го поврзува и обидот за убиство на Абдилхалим Касами од ДУИ.

Во сведочењето пишува дека парите биле земани во кеш од вилата на грчкиот бизнисмен Кондоминас во близина на аеродромот во Атина. Во неколку наврати, со владини автомобили парите биле префрлени во Македонија. Богоевски тврди дека тука бил вклучен и влијателен албански бизнисмен. Дел од парите бил носени во куќата на Абдилхалим Касами, тогаш задолжен за финансии во ДУИ. По последната исплата во таа куќа бил застрелан Касами, кој 6 години подоцна починал од последиците од атентатот. Касами, според сведочењето на Богоевски, бил убеден дека зад нападот стои Џафери.

ДУИ за овие сведочења веќе објави дека се работи за напад на странски служби од соседството за да ја разнебитат партијата и да го тргнат Али Ахмети.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости