Судењето на активистот на Шарената револуција, Павле Богоевски, кое требаше да почне денеска е одложено поради технички пропуст. Судењето сега е презакажано за 14 ноември.
Судијката Гордана Спировска информираше дека обвинителката Енџелуше Кадриу Леши од ОЈО Скопје побарала одлагање за да се сослуша техничко лице од Министерството за култура за да се вметне материјалната штета од балоните со боја.
Богоевски е обвинет за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, дело за кое следува парична казна или казна затвор до три години.
Денеска пред Кривичниот суд се собра поголема група граѓани за да му искаже поддршка на Богоевски. Граѓаните носеа транспаренти на кои пишуваше „Еден за сите, сите за еден“, „ОЈО – шуто, а сака да боде“, „Сваровски не може да суди скапоцен камен“, „#ПајоНеГоДаваме“.