Одложено судењето за сообраќајката кај Католичка црква

by Фокус

Во Основниот суд Скопје 1 денеска почна судењето за сообраќајната несреќа што се случи лани, на 15 ноември, кај Католичка црква, а во која почина 16-годишниот Иван Белински. Обвинетиот, 20-годишниот Џенис М. седна на обвинителна клупа, но судењето набрзо се одложи бидејќи во судот не се појавија двајца сведоци, а исто така беше соопштено дека вештачењето се уште не е готово.

„Обвинетиот со предниот дел од возилото удрил во телото на пешак кој, заедно со уште двајца пешаци, на обележан пешачки премин го поминувале коловозот. Како резултат на ударот и падот на пешакот на коловозот, пешакот се здобил со тешки телесни повреди што довеле до развивање на трауматски шок, пореметување и престанок на функцијата на важни витални органи, што сето заедно резултирало со смртен исход во 19.25 часот“, се вели во обвинителниот акт.

На судењето ќе треба да се утврдат сите детали за несреќата, како и да се посочи чиј бил џипот „фолксваген туарег“ кој критичната вечер го возел младиот возач, бидејќи истрагата потврди дека возилото не било негово, ниту пак на неговата фамилија.

Поврзани новости