Одложено судењето за „Ровер“, обвинетиот Ристиќ однесен во болница

by fokus

Денешното судско рочиште за случајот „Ровер“ се одложи, бидејќи лекарска екипа од Брза Помош утврди дека обвинетиот Ивица Ристиќ не може да го следи судењето.

Ристиќ во судница, облечен во пижами, беше донесен од Клиниката за торакална хирургија, каде што е сместен веќе десетина дена.

Иако судијата добил лекарска белешка дека обвинетиот е во состојба да го следи рочиштето, сепак неговата здравстевена состојба денеска се влоши, по што по реакција на адвокатот Мартин Петров, беше повикана Брза Помош. Лекарската екипа интеревенираше половина час, а на Ристиќ му беше дадена инјекција за смирување.

По мислењето на лекарот дека обвинетиот повторно треба да биде хоспитализиран, судијата го одложи судењето за 13 октомври, за кога се одложи и сослушувањето на последниот сведок.

Како што дознаваме, наредниот петок на Ристиќ му е закажана операција на жолчката, поради што повторно се доведува во прашање неговото присуство и на следното рочиште. Ристиќ од затворот Скопје беше однесен на скопската клиника поради проблеми со жолчката, но лекарите му откиле уште еден здравствен проблем на срцето. Така да останува неизвесно кога тој ќе биде спремен да го следи судењето.

Еден ден пред одржување на следното рочиште на слобода треба да излезе обвинетиот Зоран Трајковски, бидејќи тогаш поминуваат две години од поднесување на обвинителниот акт, по што повеќе не може да биде задржан во притвор.

Инаку, ова е ново првостепено судење откако апелациониот суд ја укина пресудата и го врати предметот на повторено судење. Во „Ровер“ беше осуден и екс- министерот Бошкоски на 12 години затвор за помагање во ликвидацијата на Марјан Тушевски и Киро Јанев.

 

Поврзани новости