Кошмарот на едно диктаторче

by lali

Приказната нѐ носи во една мала убава земја, богата со природни ресурси, со сите предуслови да се живее богато. Во таа земја живееле повеќе народи, кои низ историјата војувале. Историјата на мнозинскиот народ во таа земја била мачна, поминувале векови и векови да го исполнат својот сон- да создадат држава. Држава во која ќе бидат свои на своето, држава која ќе биде столб на нивниот идентитет и јазик.

И убаво и беше тргнало на таа држава, имаше лидери кои ја водат во правец со модерниот свет. Беше симпатична за целиот свет, беше најнапредна во својот регион, ја почитуваа. Се беа поставиле основи за соживот и одржлив економски развој.

Се беше убаво додека државата не ја задеси голема несреќа.  Народот избра за лидер еден мал а многу искомплексиран човек. Со знаењето беше премногу скромен, а речникот му беше екстремно сиромашен.

ДРЖАВА ПО НЕГОВА МЕРКА

Еден таков беше го излажал сиромашниот народ  дека ја сака и дека ќе ја чува државата, а на народот ќе му овозможи поубав живот. Како и сите диктатори, така и овој, во првите години од владеењето, додека ја превземеше 100 отсто власта, најде начин своето владеење да го прикаже како корист на народот.

Иако ги имаше поставено најблиските на клучните позиции, народот упорно му веруваше, како да се препознаваше во него, како да велеше “кога може овој, можам и јас“.  Кога завладеа целосно почна да ја уништува државата, а со тоа и народите во нејзе. Почна да ги дели народите по верска, етничка и идеолошка разлика, според тактиката „раздели па владеј“.

Го смени правецот во кој државата оди, наместо кон модерниот свет тој сврте кон друштво на држави каде владеат сурови владетели. Ги поткупи претставниците на останатите народи во неговата држава, на нив им даваше трошки кои за нив беа богатства, а нивните народи ги изолираше од својот.

Почна да го игнорира договорот помеѓу народите во државата, кој беше постигнат една деценија претходно, а кој беше основата за мир. Тој дури почна да го менува идентитетот на својот народ. Преку својата пропаганда тој ги убедуваше помладите генерации дека потекнуваат дури три и пол века пред Исус.

Како и сите диктатори, така и тој почна да ги остварува сите свои хирови и да ги лечи сите свои комплекси преку државните проекти. Државата мораше да биде по негова мерка, а не по мерка на луѓето во неа. Почна во центарот на својот град да гради се што сонувал.  Сите што ќе му противречеа ги затвораше.

За оние кои се обидуваа да го сменат, ако не можеше да ги купи, ги затвораше и ги прогонуваше и затвораше цели семејства. Едноставно мораше да владее само тој, и се мораше да изгледа како ќе посака тој. Почнаа сите да му се тргаат од патот, а кој нејќеше- преку својата пропаганда го прогласуваше за платеник, издајник, лош политичар…

СОНОТ НА ЧЕСНИТЕ ГРАЃАНИ

Се помалку беа оние кои се грижеа за државата, кои се грижеа за народот, а таквите трпеа се поголем притисок. Државата набрзо стана најслаба во регионот, народот најсиромашен на целиот континент, ги изгуби сите симпатии од модерниот свет.

Народот почна со голема брзина да се иселува, дури 25 отсто од целото население во десет години се имаше иселено. Тој поради тоа престана и да го попишува. А 75 отсто од младите во државата беа на ниет да се иселат, бараа разни начини. Луѓето се откажуваа од својот народ само за да земат парче хартија од друга држава, а со неа можеа да работат во модерниот свет и да живеат пристојно.

Државата беше изолирана. Диктаторчето мува не го лазеше, како да беше измислен од непријателите на државата и неговиот народ, како да беше помогнат да ја уништува државата. Тој имаше свој сон да продолжи да владее и екстремно да се богати, додека народот гладуваше.

Низ сите тие години диктаторчето го прогонуваше само еден кошмар: Му се собрале стотици илјади луѓе од сите народи пред Собранието и куќите од каде излегуваше неговата пропаганда. Обединети во желбата да го срушат и да му соберат се што им украл. На чело на народите беа луѓе кои тој не можеше да ги купи, ниту да ги уплаши, а во првите редови беа оние кои ги прогласуваше за предавници  и лоши политичари.

Полицијата и војската ниту можеше да ги убие сите луѓе, ниту можеше да го спаси. Секогаш од страв се будеше на едно место од сонот, кога народот ќе влезеше и ќе го најдеше кај се крие со најблиските пет-шест луѓе со кои владееше, кога народниот суд ќе ги осудеше на доживотен затвор, кога неговите деца се претворија во исти како оние деца чии родители тој ни криви ни должни ги затвораше.

Неговиот кошмар беше, всушност, сонот на чесните родители и работници.

Поврзани новости