ОДИХР ја започнува Специјалната мисија за проценка на изборите

by Frosina Fakova

Канцаларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска официјално ја започнува Специјалната мисија за проценка на изборите за предвремените парламентарни избори на 15 јули 2020 година во Македонија, на покана на македонските власти.

Мисијата е предводена од Лаима Андрикиене (Литванија) и се состои од главен тим од осум интернационални експерти со седиште во Скопје, соопштуваат од канцеларијата на ОБСЕ. Мисијата на ОДИХР ќе продолжи со набљудувањето на изборниот процес што започна со мисијата за набудување на изборите на тогаш закажаните предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година, кои беа прекинати поради пандемијата со COVID-19.

-Мисијата ќе ги процени изборите за нивната усогласеност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство. Набљудувачите ќе ги следат фундаменталните аспекти на изборите, како што се регистрација на гласачите, регистрација на кандидатите, активности во кампањата и медиумско покривање на кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, спроведување на правната рамка и решавање на изборните спорови. Мисијата на ОДИХР исто така ќе спроведе квалитативно и квантитативно мониторирање на медиумското покривање на изборната кампања, се вели во соопштението.

Мисијата на ОДИХР нема да спроведе систематско или сеопфатно набљудување на постапките за гласање, броење и сумирање на гласовите на денот на изборите, во согласност со методологијата на ОДИХР за мисиите за проценка на изборите. Меѓутоа, членовите на мисијата ќе посетат ограничен број на избирачки места на денот на изборите.

Ден по изборите, ОДИХР ќе ги објави своите прелиминарни заклучоци за изборниот процес и ќе разговара за своите наоди на прес-конференција. Конечниот извештај со проценка на целиот изборен процес, кој содржи препораки, ќе
биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборниот процес.

Поврзани новости