Претседателот на групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, Џани Питела и европарламентарецот Ричард Ховит денеска остварија средба со лидерот на опозицијата, Зоран Заев, после која порачаа дека гласот на социјалдемократите е глас за подобра иднина.
-Тука сме да го изразиме нашето очекување целосно да се спроведе Договорот од Пржино и од изјавите на ЕУ и на САД забележуваме дека одговорноста за неспроведувањето на Договорот не е во СДСМ, туку во ВМРО-ДПМНЕ. Не е доцна да се влијае на извештајот за напредок на Македонија од ЕУ, но ова се последните часови за да се постигне конечен договор. Времето е сега, порача Ховит по денешната средба.
Питела пак, истакна дека е разочаран од пробивањето на роковите од Договорот од Пржино и порача дека Владата, особено премиерот имаат посебна одговорност за политичката криза и тие треба да делуваат веднаш.
-Би сакале да го изразиме нашето разочарување од неуспехот да се испочитува зададениот рок, 20 октомври којшто е утврден со Договорот од Пржино на 15 јули и се однесува на именувањето нови министри и заменици министри, рече Питела за заедничката пресконференција до Зоран Заев.