Груевски е компромитиран, а митот за него се повеќе се руши

by Фокус

Кирил Ефремовски, комуниколог

На една меѓународна конференција одржана деновиве во Скопје, претставници на неколку влијателни амбасади постојано повторуваа дека овдешните аналитичари и дел од интелектуалците, се помалку ја гледаат големата слика во која се одвиваат активните општествени и политички процеси.

Тие алудираа на фактот што се повеќе од овдешната јавност, кога разврската на политичката криза иако со застои, сепак се одвиваа (но не според планот), не се насочени да погледаат на разврската на кризата во поширок контекст.

И за воља на вистината, додека повеќето од нас секојдневно се интересираат „Кога Грујо ќе падне?“, „Кога слобода?“ и невешто лицитираат со новите имиња во ресорите кои треба да дојдат на предлог на опозицијата, истите не ја гледаат големата слика и целокупниот процес кој неминовно се одвива.

Во тој процес, започнат уште од февруари, а интензивиран во мај, Никола Груевски и неговите најблиски соработници се оние кои постојано губат. Фокусирајќи се на деталите, а понесени и од емоциите, пресирани од интензивната владина пропаганда, се помалку забележуваме дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која не ја води играта.

Иако многумина ми велат дека се уште Никола Груевски е оној кој ја држи палката и го управува процесот, тоа не е така. Да, Груевски како вешт и искусен политичар и ДПМНЕ како голема партија ги користат сите ресуриси и техники, имплементацијата на Договорот и разврската на кризата да ја направат пеколно тешка, да го извлечат максимумот во преговорите во сопствена полза.

Тие до последниот атом ќе се борат да го спасат она што може да се спаси, но реланоста е дека Груевски, со сите пролонгирања на имплементацијата на договореното, дополнително ја комплицира кризата токму поради немањето на излез, а ВМРО-ДПМНЕ сега повеќе се бави со она што во светот се нарекува “damage control” или контролирање на нанесените штети по нив и партијата.

И Груевски и најблиските околу него, порано или подоцна знаат оти ќе мора да ја понесат одговорноста и да се соочат со сите обвинувања за огромниот број на кривични дела и законски злоупотреби кои ги сториле сиот овој период од скоро една деценија наназад. Затоа е неизвесно дали Никола Груевски и неговите најблиски соработници треба да бидат оние кои ќе ја предводат новата предизборна кампања.

Тие претходно ќе мора да бидат соочени со правдата и согласно законите и Уставот на оваа земја, да почнат да даваат детални одговори на сите обвинувања со кои ќе бидат соочени. А, такви очигледно ќе има многу.

И доколку повторно ДПМНЕ победи и на следните избори, извесно е дека Груевски не може да биде премиер уште еднаш. Неговиот лик е повеќе од компромитиран, а митот за него секој ден се повеќе се руши.

Затоа во процесот кој порано или подоцна е неминовно да се случи, не помала одговорност ќе има и предводникот на опозицијата Зоран Заев, како и целокупното граѓанско општество.

Во месеците кои следуваат пред новите парламентарни избори и опозицијата и интелектуалците и граѓанските ораганизации ќе мора да се стават над своите тесно партиски или лични агенди и цели и започнатиот процес кој до сега најмногу е “избоксуван“ благодарение на заложбите на претставницте на меѓународната заедница.

Тој процес мора да го продолжат и да почнат да се борат за современите демократски вредности и императиви, за моралот, за целосно почитување на владеењето на правото, за реална подвоеност на партијата од државата. За тоа дека криминалците мора да одговараат за сторените дела, но во непристрасни постапки и надвор од секакви партиските влијанија. Дека времето на груевизмот полека одминува, а сите тие треба макотрпно да се борат на искоренување на последиците од истиот.

Процесот на реализација на “the big picture“ (големата слика), која неминовно се одвива, ќе го кочат уште многу сопки и перипетии, но ако само за момент се потрудиме и погледнеме потрезвено, сите ние ќе сфатиме дека промените се случуваат. Во кој правец ќе ја продолжиме зацртаната траекторија која некој друг ни помогнал да ја започнеме, нема да зависи од нив, туку од нас. И овој пат нема да има простор за многу грешки и нови шанси, бидејќи тие веќе неколкупати ни се дадени.

Но, ако сепак и понатаму имате дилеми и неверувате, погледнете го само примерот со еден мал, а сепак најкруцијален мозаик во таа голема слика – Специјалното јавно обвинителство. Информациите дека Специјалното јавно обвинителство е комплетирано и наскоро се очекува да почене да работи и истражува, се само дополнителен доказ, оти елементите кои го сочинуваат мозаикот на големата слика се редат по правилен ред, а дури и оние најзаслепените се очекува наскоро да прогледаат и ја видат.

Поврзани новости