Откако во автомобилот на Дрин Ахмети, внук на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, беа пронајдени 750 пиротехнички средства, засега е неизвесно каква ќе биде неговата одговорност.
Поточно од МВР информираа дека СВР Скопје во координација со јавен обвинител поднесе соодветен поднесок до ОЈО Скопје за нивно натамошно постапување.
Од Обвинителството појаснуваат дека за случајот е неопходно вештачење.
-За настанот е известен јавен обвинител. Во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката, велат од Обвинителството.
Од МВР велат дека синоќа на улицата Самуилова во Скопје било запрено патничко моторно возило од марката „ренџ ровер“ со албански регистерски таблички. Автомобилот го управувал 25 годишниот Дрин Ахмети од кичевското село Зајас, и при преглед на возилото биле пронајдени 749 пиротехнички средства.