Мнозинството, колкаво и да е, треба да гласа за уставните промени. Ако пропадне предлогот, а со тоа и продолжувањето на преговорите со Унијата, има секој да си ја понесе својата одговорност. Најтешката одговорност ќе ја има опозицијата, а владата, во тој случај, треба елегантно да си замине од власт.
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Стрижено – косено! Вака изгледа нашата домашна, политичка реторика во која се одвива тешкиот живот на граѓаните откако сме тргнати по патот на доправање на самостојната, независна држава Македонија.
Така инаетливо тргнавме, така инаетливо потоа теравме, исто пак инаетливо продолжуваме и, како што сме кадарни, така инаетливо ќе се искинеме.
Државата ја направивме како вреќа полна со рогови, целата издупчена и што е најважно, сѐ уште горе недозатворена!
Деновиве го добивме Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија.
Значи, исцрпен извештај за состојбата во земјава, поодделно во разни области и анализа на преземените дејствија од страна на државата околу натамошниот тек на евроинтеграциските процеси.
И, како што нѐ дал Господ, пак поминуваме покрај искосената ливада и пак се натегаме: Стрижена – косена! Нема напредок – има напредок!
Е, драги мои, нема такви кратки, штури, паролашки оценки во Извештајот на Европската комисија, како што милуваат да ги упростат еднострано нашите „врвни“ експерти, специјалисти за евроинтеграциите, воопшто.
Ако се земе во просек, може да се рече дека Извештајот е: „Добар, тројка. Седни си на место и повеќе да научиш за следниот пат“.
Оваа тројка е малку послаба тројка, зашто факт е дека судството, особено Судскиот совет, бааги ни ја спушти оценката кај европските пријатели. Корупцијата, двојка. Стоиме во место, исто како и сите години откако сме на посматрање. Е, имаме и четворки.
КАДЕ ЌЕ КРШИМЕ ГЛАВА?
Напредок во борбата против организираниот криминал, борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, напредок во организирањето на функционална економија и други области кои не се така атрактивни за прес-конференциите на опозицијата.
Не се атрактивни ни за некои долгогодишни „евроинтеграциски“ експерти (од вмровска провениенција), кои до пред извесно време се продаваа како независни, но според ликувањето и триумфализмот со кој ја напаѓаат Владата за состојбите во земјава, а сосема ја пренебрегнуваат улогата и одговорноста на опозицијата, не заслужуваат да бидат сериозно сфатени.
Како и да е, ако нема напредок во интеграциите дома, има напредок во односот на Европската комисија, која си ја грабна работата, ми се чини, ептен длабински, за разлика од претходните извештаи со кои повеќе нѐ намамуваа и нѐ охрабруваа да се занесуваме со големата европска идеја.
Сега таа практично продолжи да си ги тера започнатите преговори според динамиката, а ги отвори и кластерите, де факто, иако де јуре тие сѐ уште не се отворени.
Се чекаат уставните измени кои, според нивната мисловна и политичка прагматика, нелогично се одолговлекуваат и се блокираат во ситуација кога јасно е кажано дека без тој чекор Македонија нема што да бара во ЕУ.
Земи или остави, односно, оди си со здравје. А каде ќе кршиш глава понатаму, твоја работа.
Навистина, каде ќе кршиме глава кога (ако) ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт. Не знаеме, не ни кажуваат, за полесно да ги добијат изборите.
Инаку, во Извештајот има и уште една друга „маленкост“, која за малку отстапува од досегашните изнијансирани реченици што со години се повторуваа од европските дипломати: „Ги охрабруваме партиите да се усогласат и да не ги кочат процесите за напредок“.
ВМРО БЛОКИРА
Како да не гледаа кој ги кочи процесите од почетокот, па сѐ досега. Но, овој пат во извештајот на фин начин се нотира:
„Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ активно ја блокираше работата на парламентот што беше значителна пречка за одвивање на законодавната агенда на парламентот.“
Добро, ова и не е баш многу фино кажано, ама веќе нема бегање од таа оценка.
А, нема бегање ни од оценката дека Владата не најде сили или интерес да тресне по маса и да го разбуричка судското мочуриште, правдајќи се со демократските постулати кои, нели, подразбираат немешање на извршната власт во судската власт.
А, за корупцијата сите нека се напокријат. И позиција и опозиција. И едните и другите. Разликата е во тоа кој посилно ќе вреска. Сега, засега, ВМРО-ДПМНЕ води со вревата.
Извештајот на Европската комисија е реален. Се бараат реформи. Се нотираат слабите точки кои, доколку брзо не се коригираат, одење напред нема да има.
Но, почеток на суштинските преговори може да има и треба да има во предвидениот рок со донесувањето на уставните промени.
Времето изминува и владата мора веќе да настапи пред Собранието. Имаше доволно време за убедување, молешници, можеби поткуп и закани до опозицијата, но сега мора да се исправи со предлог-измените пред пратениците. Идејата на претседателот Џафери дека ќе свика седница кога ќе има стокмено мнозинство во Собранието е чиста политичка малодушност.
Мнозинството, колкаво и да е, треба да гласа за уставните промени. Ако пропадне предлогот, а со тоа и продолжувањето на преговорите со Унијата, има секој да си ја понесе својата одговорност.
Најтешката одговорност ќе ја има опозицијата, а владата во тој случај треба елегантно да си замине од власт. Нека се одмори, помина тешки премрежија.