Судот да не ја прифати аудио-снимката за „Македонска банка“ во процесот против Зоран Заев за клевета, побара Никола Додевски, адвокатот на премиерот Никола Груевски на денешното подготвително рочиште во граѓанскиот суд.
Според него овој доказ е нерелевантен за предметот и е прибавен на начин спротивен на законот и на Уставот и тој предложи судот да ги отфрли и транскриптите кои произлегуваат од снимката, како и вештачењето што беше направено по нарачка на претседателот на СДСМ.
– Доколку судот го прифати овој доказ тоа ќе има несогледливи последици по правниот систем во Македонија. Секој ќе може да се однесува како приватен обвинител, приватен судија, приватен спорведувач на законот и давател на наредби – објасни Додевски.
Одбраната на Заев коментираше дека се работи за приватна снимка која на тужителот му е дадена од лице кое учествува во разговорите.
– Единствен изговор снимката да не биде прифатена како доказ би била повреда на правото на приватност, меѓутоа се работи за снимка која веќе е јавно презентирана и верувам дека во Македонија нема кој не ја слушнал. Од оваа причина повредата на правото на приватност на тужителот не може да постои – потенцираше Филип Медарски, еден од адвокатите на Заев во овој случај.