Судијата Ивица Стефановски, денесека во Основниот суд Скопје 1, дваесетина минути ја образложуваше пресудата за случајот „Монструм“, според која шестмина од обвинетите се осудени на доживотен затвор, а Сејди Рами излегува на слобода, поради непостоење на цврсти докази.
Судијата Стефановски неколку пати истакна дека пресудата не е донесена врз основа на емоции, туку според законот.
– Останавме имуни на сите случувања надвор и се водев само од законот. Не се водевме од емоции, туку од сериозноста на делото – рече судијата Стефановски.
Тој истакна дека од петкратното убиство беше згрозена целата македонска јановст, но потенцираше дека и покрај различната етничка припадност на жртвите и обвинетите, тоа не треба да влијае на нарушување на меѓуетничките односи.
Судијата пресудата ја поткрепи повикувајќи се на исказот на еден од обвинетите, Хаки Азири, даден во истрага, кога ја имаше улогата на заштитен сведок, а не на обвинет. Судијата истакна дека Азири објаснил како ги превезувал обвинетите, а на враќање во автомобилот се качиле со фантомки на главите и ракавици на рацете.
Во пресудата се нагласува и дека возилото „опел омега“, со кое обвинителствотo тврдеше дека се превезувале извршителите, било на Смилковското езеро, односно така покажало вештачењето на земјата земена од калниците.
Времето на извршувањето на убиството, пак, било утврдено според телефонскиот разговор кој го имала една од сестрите на убиените момчиња со својот брат и според сведочењето на загрозениот сведок.
– Добро ја одбрале локацијата каде што секогаш има луѓе, но е и во близина на обиколницата, за да може лесно да се избега. И времето било испланирано, бидејќи тогаш се замрачува, а поголемиот дел од рибарите си заминуваат – рече судијата Стефановски.
Адвокатите на обвинетите, пак, истакнаа дека се незадоволни од пресудата и дека ќе ја обжалат. И понатаму остануваат на ставот дека пресудата е донесена без докази.
Изрекувањето на пресудата можеа визуелно и тонски да го регистрираат и медиумите, бидејќи судијата дозволи снимање. Ваквата пракса е многу ретка, а истото се случи на изрекувањето на пресудата за случајот „Фаланга“.
Обвинетите Агим Исмаиловиќ, Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, кои добија казна доживотен затвор имаат право на жалба.