Ова беше барањето на одбраната на Заев, кое беше презентирано на денешното подготвително рочиште во Основниот суд Скопје 2. Своето барање, шестмината адвокати на Заев го поткрепија со докази, односно до судот го доставија вештачењето на снимките, со кои Заев тврди дека Груевски на криминален начин ја договорил продажбата на „Македонска банка“.
-Бараме оваа постапка да прекине до завршување на кривичната постапка, по однос на поднесената кривична пријава од СДСМ до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, рече адвокатот Филип Медарски.
Покрај Медарски, во одбраната на Заев се и адвокатите Мирослав Вуиќ, Оливер Ристовски, Игор Милев, Ване Андреев и Горан Заев.
Судијката Весна Калковска, реши да го одложи одржувањето на рочиштето, бидејќи како што истакна, на судот ќе му биде потребно време да го разгледа обемниот материјал. Новиот судски дуел меѓу Заев и Груевски е закажан за 3 јули.
Во судницата присуствуваше Заев, заедно со врвот на СДСМ, а таму не се појави премиерот Груевски. На рочиштето присутен беше само неговиот адвокатот Никола Додевски.
Груевски од Заев бара половина милион евра, бидејќи смета дека е наклеветен од лидерот на СДСМ кој обввини дека премиерот, тогаш претседател на опозицијата, учествувал во наводната криминална продажба на „Македонска банка“. Заев објави синмка на која тврди дека бил снимен Груевски како преку посредник ја договарал продажбата на банката на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ- Нини.