Машката македонска одбојкарска сениорска репрезентација подготвена го очекува стартот на Европското првенство од кое дел ќе се одржи и во Скопје.
Селекторот Јошко Миленкоски денеска пред новинарите рече дека пласман во следната рунда е главната цел. Тој посакува максимална борба и поддршка од трибините.
„Овие момци секој ден даваат се од себе. Ова е најголем настан во Македонија, заедно сме со најголемите светски ѕвезди. Ова е можност да ја претставиме нашата држава и нашиот спорт. Со нашата желба, мотивација и борбеност сакаме да постигнеме што повеќе, поточно пласман во следниот круг. Макотрпно работевме, но не зависи само од нас зависи и од противниците. За да постигнеме добри резултати потребна ни е поддршка од сите страни, пред се од навивачите, за да се претставиме во најдобро светло и да сториме се за да се пласираме во втората фаза. Најважното ни доаѓа, тука треба да го покажеме нашиот цврст карактер, борбата амбициите и да се спротивставиме на сите овие моќни репрезентации. Имаме сили за тоа, веруваме во тоа, се надевам дека по завршувањето на ова ЕП тоа ќе биде една нова историја за нашиот спорт“, изјави Миленковски.
Македонската одбојкарска репрезентација утре против Данска во СЦ „Борис Трајковски“ го отвора Европското првенство.
Ова ќе биде трето континентално натпреварување на одбојкарите предводени од незаменливиот капитен Никола Ѓорѓиев.
„Немаше играч кој беше надвор од терените подолго од два до три дена. Одигравме голем број на натпревари, вкупно 16. Од оваа страна влегуваме максимално подготвени за ова Европско првенство. Групата е доста тешка, прв фаворит е Полска, па Холандија и Чешка, па Данска и Црна Гора кои се на наше ниво. Утре е голем ден, мора да влеземе малку позрело за разлика од претходните две Европски првенства каде првиот меч беше „живот или смрт“, а подоцна кога го загубивме натпреварот веќе на следниот не можевме да се препознаеме. Се надевам дека ќе бидеме доста мудри, патметни и ќе имаме трпение, заедно со цела Македонија ќе успееме да се радуваме на убава победа. Ќе дадеме се од себе, живееме за ова. Се надевам дека утре ќе успееме да ве израдуваме“, порача капитенот.