Со презентација на докази на Специјалното јавно обвинителство, во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Титаник“ за изборни нерегуларности во кој се осомничени поранешни министри, градоначалник, полицајци и други функционери.
Пред почетокот на главната расправа, судијата Осман Шабани го одби барањето на адвокатите Димитар Дангов и на Дончо Наков за прекинување на постапката до разрешување на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која според нив е единствено надлежна да ги застапува предметите на СЈО.
Претседателот на судечкиот совет го одби и барањето на бранителот на дел од обвинетите Еленко Миланов за изземање на обвинителката Лиле Стефанова од предметот.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.