Вишото јавно обвинителство го одби барањето на одбраната на сопственикот на порталот „Доказ.мк“, Марјан Стаменковски да биде изземено од постапување скопското обвинителство. Образложението на одбраната беше дека дел од обвинителите и истражителите може да бидат оштетени во случајот.
Сепак, повисокото Обвинителство одлучуваше и скопското обвинителство останува да го застапува обвинението против Стаменковски.
Денешното рочиште против него се одложи за во петок, токму поради барањето на одбрата на обвинетиот. На почетокот на рочиштето беше исклучена јавноста за да се заштитат сведоците односно оштетените од јавно изнесување на лични и интимни работи за нив и за нивното семејство.
Стаменковски е обвинет за неколку кривични дела: две дела за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Тој беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.