Одбиени уште 20 амандмани на опозицијата за Буџетот

by fokus

На денешниот седми ден од амандманската расправа за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година на Комисијата за финансирање и буџет, беа разгледани 20 амандмани, а не беше усвоен ниту еден.

Најголем дел од денеска разгледаните амандмани главно се однесуваа на изградба, реконструкција и проширување на локалната и регионалната патна мрежа.

На ребалансот на Буџетот се поднесени вкупно 204 амандмани. Најмногу амандмани има поднесено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа над 170, 28 се на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.

Согласно Деловникот за работа, расправата треба да трае 10 дена.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

Амандманската расправа треба да продолжи утре во 11 часот со разгледување на 54-тиот амандман на ребалансот на Буџетот.

Поврзани новости