Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство и го потврди решението на судијата на претходна постапка да не му биде одреден притвор на еден од осомничените во случајот „Трезор“.
„Фокус” дозна дека притворот е побаран за Горан Грујевски од УБК, а жалбата на СЈО е одбиена како неоснована.
Инаку, ова не е првпат да биде побаран притвор за Грујевски кој се појавува во неколку случаи на Специјалното јавно обвинителство. За случајот „Тврдина“, му беше определена мерка притвор, но откако одлежа некој ден во Шутка, Судот му ја уважи жалбата и го укина притворот.
Покрај ова, до Основниот суд денеска дошло и решението од Апелацијата, со кое се одбива и жалбата на СЈО за изземање на судијката Лидија Петровска, која треба да постапува по обвинителниот предлог на СЈО против седум лица кои се товарат за уништување на документацијата поврзана со опремата од нелегалното прислушување.
СЈО бараше нејзино изземање, бидејќи таа се споменуваше во една од „бомбите” што ги објави опозицијата како „сваровски судијката”, но од Апелација велат дека нема околности што предизвикуваат сомневање за нејзината непристрасност.