Од Основниот суд Скопе 1 информираат дека Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција ја одбило жалбата на Специјалното јавно обвинителство со која бараа за поранешната министерка Гордана Јанкулоска да се одредат мерки на претпазливост, како осомничена во случајот „Тврдина“.
Ова значи дека на поранешната министерка нема да и биде одземен пасошот и нема да има обврска секоја недела да се јавува во судот.
„Постапувајќи по жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) против решението на судија на претходна постапка од 18.07.2016 со што беше одбиен предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост против Г.Ј. опфатена во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, донесе решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а решението на судија на претходна постапка се потврдува“, информираат од Кривичниот суд.
Ова значи дека останува на сила решението на судијата на претходна постапка Александра Поп – Стефанија, за која СЈО претходно бараше изземање поради партиските врски на нејзиниот сопруг со ВМРО ДПМНЕ, но Апелациониот суд ја одби жалбата како неоснована.
Јанкуловска е осомничена во случајот за незаконското уништување на опрема за прислушување познат како „Тврдина„ кој го отвори Специјалното обвинителство (СЈО).