Одбиена жалбата на Бучковски, за 8 дена да се јави во затвор

by Фокус

Поранешниот премиер Владо Бучкоски, во рок од 8 дена треба да се пријави во затворот „Скопје“ за издржување на двегодишната затворска казна, која неодамна стана правосилна по одлуката на Апелациониот суд, јави порталот „Академик“.

Според „Академик“, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, ја одбил како неоснована жалбата поднесена Бучковски против решението на судија за извршување санкции, со која побарал одлежувањето на казната да се пролонгира.

-Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе решение со кое ја одбива како неоснована жалбата поднесена од осудениот Владо Бучковски против решението на судија за извршување санкции на овој суд КУИКП.бр. 1511/14, и осудениот се задолжува во рок од 8 дена по правосилноста на решението да се јави во КПУ затвор Скопје – Скопје на издржување на казната затвор во траење од 2 години, објаснуваат од Основниот суд Скопје 1.

Откако пресудата на Кривичниот суд беше потврдена и од Апелација, Бучковски поднел молба до судот за одлагање на почетокот на извршување на казната затвор во која навел дека потребно е да ги заврши веќе отпочнатите работи на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, бидејќи со неизвршување на истите би настапила позначителна штета за студентите, но и за реномето на факултетот. Односно, според неговата молба, од 15 септември 2014 година преземал обврски да предава по предметот Римско право на студентите од прва година на истиот факултет за академската 2014/2015 година, поради што секој понеделник и четврток има предавање пред 120 студенти кои ќе завршат со завршување на првиот семестар на 31.01.2015 година.

Неговата молба била одбиена со образложение дека не требал да ги прифати ваквите обврски, бидејќи претходно ја добил пресудата на Апелациониот суд.
На ова решение, осудениот поднел жалба до Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Но, и советот ја оценил молбата како неоснована.

Во меѓувреме останува нејасно од кога започнува да тече рокот од осум дена, односно кога оваа одлука ќе стане правосилна. Во меѓувреме Бучковски има уште една надеж дека нема да влезе во затвор, а неа ја гледа во одлуката која ја чека од Врховниот суд. Откако ја доби второстепената пресуда, тој веднаш поднесе вонреден лек до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата.

Сега сите очи се вперени кон Врховниот суд.

 

 

Поврзани новости