Во законот за Јавното обвинителство што го испрати Министерството за правда во собраниска процедура се имплементирани сите меѓународни принципи, посочуваат во денешното соопштение од Министерството и додаваат дека тоа го укажале на средбите со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, но и го презентирале пред јавноста.
-Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ уште на првата средба искажа несогласување со одредени одредби од законот и презеде обврска да достави амандмани. Јавноста е веќе информирана дека, наместо амандмани, од ВМРО-ДПМНЕ добивме есеистички текст во кои беа наброени меѓународни документи. Министерството за правда, со вчерашното соопштение, потсети на неисполнетата преземена обврска од страна на ВМРО-ДПМНЕ за доставување на амандманите, велат од Министерството за правда.
Денеска од Министерството повторно потсетуваат на неисполнетата обврска од страна на ВМРО-ДПМНЕ и го поставуваат прашањето за причините за тоа: Дали ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекува оваа обврска за да не го стави на хартија барањето за амнестија на случаите кои ги води Специјалното јавно обвинителство? Дали ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекува оваа обврска за да не ја стави на хартија својата желба за неказнивост на случаите на корупција и криминал од поранешната власт?
-Во оваа прилика, повторуваме дека донесувањето на Законот за јавно обвинителство е клучно за отворање преговори за Европската Унија. Секоја сериозна партија со европска ориентација би ја ставила европската иднина на својата држава пред личните интереси и барања за амнестија на своите високи партиски функционери опфатени во истрагите на СЈО. ВМРО-ДПМНЕ треба да го направи својот избор, се наведува во соопштението од Министерството за правда.