Вкупно 106 лица починаа од Ковид 19 во последните два ипол месеци, откако земјава ја тресе корона кризата, покажува извештајот на министерството за здравство.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, најмногу починати има во Скопје, 22 пациенти, а само еден помалку, поточно 21 има во Куманово. На трето место по смртност е Струга, каде досега од Ковид 19 починале 15 пациенти, а тука некаде се и Прилеп каде починале 13 и Тетово каде жртви на корона се 12 пациенти. Исто така, осум починати има во Велес, додека во останатите градови како Дебар, Гостивар, Кочани, Штип, Валандово и Делчево бројките на починати се движат од 1 до 4 пациенти.
„Регистрирани се 106 смртен случај (Лт = 5,8%). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=69) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 18,0/100.000 жители. Регистрирани се 72 смртни случаи кај лица од машки и 34 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 79 (74,5%) се регистрирани коморбидитети, односно хронични болести. Девет (8,5%) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а останатите 97 (91,5%) починале за време на хоспитализација“, се наведува во деталниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во извештајот уште се објаснува дека дури кај 595 лица од вкупниот број не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 442 веќе имале контакт со потврден случај во државата.
Според исходот од заболувањето, 380 лица (20,7%) се активни случаи, 1.353 случаи (73,6%) се водат како оздравени (234 од нив се здравствени работници), испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување. Од случаите кои се водат како оздравени, 255 (18,8%) биле хоспитализирани, додека останатите 1.098 (81,2%) биле на домашно лекување.
Во текот на целиот процес досега се направени 22.255 тестирања.
Ирена Мулачка