Од утре задолжително сите граѓани на територијата на цела држава ќе треба да носат маски, шалови или марами за да ги покријат носот и устата, соопшти техничкиот премиер, Оливер Спасовски кој на прес – конференција ги објаснуваше новите, помеки мерки на Владата, со кои се намалува полицискиот час и од сега ќе трае од 19 до пет часот наутро и за викенди, од 15 часот во сабота попладне, до пет часот во понеделник.
Носот и устата може да бидат покриени со респираторна маска, хируршка маска за една употреба, свилена или папучна марама или шал.
Оваа мерка, како што објасни Спасовски, се воведува бидејќи повеќето од заболените се заразиле со капки од вирусот кои ги вдишиле од заболено лице.
Носот и устата ќе треба да бидат покриени на отворен и затворен простор и во јавен сообраќај, односно заштитна опрема ќе треба да носиме во затворени јавни места, маркети, продавници, пошти, кога се возиме во автобус, на пазари, на отворени простори каде нема можност да се одржува физичка дистанца од два метра. Единствено не треба да се носат ако престојуваме во двор или тераса во својот дом, ако спортуваме или ако се возиме во патничко возило со член од нашето семејство.
Исто така се забранува групирање од повеќе од две лица, за да се избегне локална трансмисија на вирусот, а во групирањето нема да се вбројуваат деца под 14 години. Задолжителна ќе биде самоизолацијата по извршено тестирање за сите странски и домашни лица.
Спасовски порача дека борбата со корона вирусот е се уште во тек и дека несомнено ќе потрае, но дали ќе трае подолго или пократко, ќе зависи од одговорноста на граѓаните. Тој е уверен дека мерките на Владата дале ефект и дека властите успеале кривата на заболени да остане што „поисправена“ и дека стратегијата на власта се покажала како добра.
– Со тоа што издржавте, вие станавте јунаците кои влијаевте на исправање на кривата, им порача Спасовски на граѓаните и им се заболагодари на здравствени работници и сите кои се вклучени во борбата со пандемијата.
– Нашата цел не е да казнуваме, туку да ја зголемиме свесноста на граѓаните. Ограничувањата ќе се намалат, но внимателноста треба да се зголеми, рече Спасовски.