Од утре во функција веб-страница за пријавување за вакцинација против Ковид-19

by fokus

Веб-страницата за пријавување и изразување интерес за вакцинација против Ковид-19 се очекува утре да биде во функција. Тоа значи дека буквално секој може да се пријави. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека системот сам ќе генерира приоритети, што значи дека ќе ги прими податоците дури и за помладите кои немаат хронични болести, а кои изразуваат волја за вакцинација и тогаш кога ќе дојде редот за вакцинација ќе им стигне известување соодветно.

– Значи, волјата се изразува еднаш преку регистрација на сајтот, појасни Филипче.

На прашање како ќе имаат контрола дека матичните лекари им се јавиле на своите пациенти, Филипче рече дека тоа ќе биде на тој начин што ќе има потврда назад до системот „Мој термин“ дека тие се согласни да бидат вакцинирани.

– Ние го имаме точниот список. Сега веќе зборуваме за другата приоритетна категоријата на повозрасни граѓани над 70 години кои исто така влегуваат во овој да кажам прв круг на вакцинација. После контактирањето од страна на матичниот лекар се регистрира информацијата во системот „Мој Термин“ во кој се кажува волјата за вакцинација и понатаму се прави точен распоред со време и пункт согласно со близината во однос на местото на живеење и тоа е доволно да се закаже термин и нормално дека ќе се очекува граѓанинот ќе се јави на вакцинација, истакна Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на поликлиниката Бит Пазар, каде ќе се чуваат вакцините против Ковид-19.

На прашање дали доколку некој од здравствените работници кои се пријавиле за вакцинација, се откаже и дали ако се пријави подоцна ќе може да се вакцинира, тој рече дека станува збор за систем што е флексибилен и тие и понатаму ќе може да се пријават за вакцинација.

– Сега се фокусиравме на здравствените работници и мислам дека е сосем соодветен системот за оваа бројка на здравствени работници која е сега пријавена. Ќе тргне процесот на вакцинација. Подготвени сме да го надградиме. Подготвени сме за други опции. Гледавме примери во некои други земји. Не сакаме да избрзаме, сепак ова е систем што добро функционира, што досега покажал резултати, но отворени сме и подготвени согласно волјата, желбата за вакцинација навистина да направиме и нешто што ќе значи проширување на капацитетите. Подготвени се во еден дел и модуларните болници. Тие сега се практично секаде скоро поставени. Пациентите се во старите болници и тоа е еден систем на кој размислуваме, рече Филипче и додаде дека вакцинација ќе може да се врши и во модуларните болници.

Поврзани новости