Франција ги заострува мерките за борба против епидемијата со Ковид-19 и стравот од новата-британска варијанта од вирусот, една од главните мерки е воведување на полициски час од 18 часот до 6 часот на утро за цела Франција, оваа мерка стапува на сила од оваа сабота, јави дописникот на МИА.
Мерката беше соопштена вечерва од премиерот Жан Кастекс и таа беше очекувана, бидејќи Франција се уште се соочува со голем број на заболени-просечно околу 18000 нови случаи секој ден.
-Во случај ако се констатира силно влошување на епидемиолошката ситуација, ние ќе бидеме наведени да се прогласи ново затворање, рече Кастекс. При второто затворање оваа есен, дневно имаше по 50000 нови случаи.
Патниците кои доаѓаат во Франција, надвор од земјите членки на ЕУ, ќе мора да претстават негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, и да се обврзат на изолација од 7 дена, за да влезат на француската територија. Од овие мерки се исклучени прекуграничните работници и така наречените „суштински“ работни места.
Дневно според министерот за здравство Оливие Веран има околу 200 до 300 заразени со англиската варијанта на вирусот.
Иако вирусот се движи активно на француската територија, владата тврди дека нема „зголемување“ на епидемијата по празниците на крајот од годината.
Училиштата ќе останат отворени, додека средните училишта ќе на хибриден начин, дел од настава со присуство на училиште, дел преку интернет. Екипите за тестирање на вирусот ќе одат во училиштата кога ќе бидат забележени најмалку три случаи на заразени.