Од утре нов бесплатен дневен весник

by fokus

Македонскиот медиумски простор од утре ќе биде збогатен со уште еден дневен печатен медиум. Независен Весник, со динамика на дневен весник, од понеделник, 27 ноември, ќе почне да се дистрибуира во Скопје и низ повеќе градови во Македонија, преку сопствена колпортерска мрежа.

Независен е бесплатен дневен весник, а за почеток граѓаните ќе можат да го добијат својот дневен примерок на повеќе главни крстосници и фреквентни места во државата. Според најавите, за кусо време весникот ќе треба да се наоѓа и во трговската мрежа, во малопродажните објекти, трафики, хотели, ресторани, во кафулиња и насекаде каде што за тоа ќе има интерес.

– На македонските читатели ќе се обидеме да им донесеме поинаква перспектива и друг агол на гледање на домашните и на настаните од светот. Тоа значи дека ќе има актуелни теми, новинарски разработени од различни аспекти, спротивставени ставови, длабински анализи, мислења, од песпективи за кои што сметаме дека треба да добијат на гласност. Независен ќе биде збогатен со лични ставови и колумни на етаблирани, но и на свежи лица на домашната општествена сцена. Уредувачката политика е отсликана и во нашиот слоган: Читај Вистина, биди Независен! – изјави Слободанка Јовановска, Главен уредник на Независен весник.

Концептот на весникот е да разработува вести и теми од политиката, економијата, културата, социјалата, спортот, шоу бизнисот, сето она што е предизвик за јавноста. Редакцијата на Независен весник е комбинација од долгогодишни искусни и млади новинари.

Независен ќе излегува пет денови во неделата, од понеделник до четврок на 16 страници, а петочниот број ќе биде на 24 страници, со тоа што во сите изданија ќе има по три страници на англиски јазик.

Поврзани новости